Македонија
16. May 2019 - 16:48

Родители на невакцинирани деца бараат помош од Народниот правобранител

Децата не смеат да бидат оштетени од мерките на надлежните да нема уписи во училишта за невакцинираните, категорични се од канцеларијата на народниот правобранител. Оттаму велат дека покрај пишани претставки, секојдневно имаат и јавувања од родители кои се чувствуваат дискриминирани со ваквата одлука и бараат правни совети како да постапат во остварување на правото на задолжително образование. Вчера Владата пречесе дека во септември, во училишните клупи ќе седнат само вакцинирани првачиња.

- Ние во дописот до Министерството за образование ги го прашавме министерот, кого санкционираат со овие мерки, дали родителите за да се освестат дека вакцинацијата е за здравјето на нивните деца, или со овие мерки нанесуваме штета на децата, вели Васка Бајрамовска, заменик народен правобранител.

Наместо со забрани, Бајрамовска вели дека надлежните треба да преземат мерки за целосно информирање на родителите за позитивните но и негативните последици од вакцинирањето. Според неа, дете надвор од образовниот процес отвора друг проблем.

- И што правиме со оние деца кои ќе останат надвор од образование? Задолжителната вакцинација е задолжителна и мора да се спроведува, но не на штета на децата и нивно исклучувањ еод образовниот процес, вели Бајрамовска.

Во септември родителите чии првачиња ќе останат надвор од училишните клупи, ќе се соочат со ригорозни казни и за невакцинирање на децата и за неможност за нивно образование.

Во меѓувреме, на Детска клиника има 6 бебиња кои се на болничко лекување поради морбили а 30 пациенти има на Клиниката за Инфективни болести.