Живот
20. November 2015 - 10:13

Роботите ќе преземаат 50 отсто од работните места

Централната Банка на Англија предупредува дека автоматизацијата и роботизацијата во следните 10 до 20 години ќе придонесе за укинување на над 80 милиони работни места во САД и 15 милиони во Велика Британија.

Банката прецизира дека роботите и други машини ќе преземат околу 50 отсто од работната сила во секоја земја.

Главниот економист на Банката, Енди Халданен истакнува дека компјутерите стануваат се пософистицирани и дека автоматизацијата ги загрозува работните места, за кои порано се сметаше дека се наменети само за луѓето.

- Овие машини, за разлика од поранешните, имаат потенцијал да го заменат човековите мозок и раце, објаснува тој.

Банката на Англија истакнува дека роботизацијата најмногу ги загрозува административните и производствените работници.

Сепак, експертите наведуваат дека доаѓањето на роботите не значи и раст на невработеноста. Луѓето своите вештини ќе ги прилагодат на задачи на кои и натаму ќе имаат предност над машините.

Ова не е првпат во историјата технологијата радикално да ја трансформира работната сила. Многу физички работници биле принудени да бараат пософистицирани занимања во текот и по индустриската револуција. 

Но, состојбата сега е поинаква, бидејќи „интелигентните‟ роботи продираат во области кои бараат одредени вештини, оставајќи на луѓето само работни места со најниски и највисоки барања.