Македонија
31. August 2019 - 16:24

Рекорден број мигранти ја притиснаа Грција - на македонската граница ситуацијата е стабилна

Неочекувано голем број мигранти во текот на вчерашниот ден пристигнале на дел од грчките острови. Според известувањта на тамошните медиуми ова е прво такво масовно доаѓање на мигранти од Турција во последните три години. Ваквата состојба била причина грчките власти да го повикаат турскиот амбасадор на разговор.

На Македонската територија состојбата стабилна. Од министерството за внатрешни работи информираат дека ситуацијата постојано се следи не само во Грција туку и во другите земји со кои се во постојана координација и се преземаат соодветни мерки. Додаваат  дека во моментов  нема никаква  причина за вознемиреност. Според официјалните информации на МВР обидите за нелегален премин на јужната граница во првата половина од годинава бележат зголемување во однос на лани, но сепак тоа било во рамки на просекот за оваа година.

Од почетокот на годината па заклучно со јуни на границата со Грција биле спречени 10.017 обиди за илегално преминување што е зголемување за два пати во однос  на лани кога во истиот период биле спречени околу 4800 обиди. Во истиот период од оваа година полицијата открила и 33 случаи во обид да бидат прокриумчарени 492 мигранти. Против 44 лица се преземени мерки на кривичен прогон за сторени 24 кривични дела криумчарење на мигранти.

Во транзитниот центар Винојуг моментално се сместени 34 лица, претежно од Ирак и Бангладеш. Од нив 12 се деца.