Македонија
22. August 2020 - 16:57

Регионот подготвен за старт на учебната година

Додека сите чекаат надлежните да го одредат точниот датум за старт на новата учебна година, земјите од регионот веќе утврдија и датум и официјални прописи како ќе се одвива наставата.

Меѓутоа, Словенија е единствената земја на Балканот која е подготвена и за настава од училница и за настава од дома.

Во поголемиот дел од земјите часовите ќе се одвиваат со физичко присуство, но со посебни протоколи.

Единствено како и Македонија, во Србија родителите ќе можат да избедат дали нивните деца физички ќе присуствуваат во училиште или часовите ќе ги следат онлајн.

Таму стартот на учебната година ќе биде од 1 септември. Тестирањето ќе се извршува исклучиво во училиштето, а часовите ќе бидат скратени. Дневниот број на часови ќе зависи од возраста на децата.

Бугарија, пак, вратите на училиштата ќе ги отвори на 15 септември, а секое училиште ќе работи според акционен план. Таму децата ќе мора да носат маски во сите училишни простории освен во училниците за време на часовите.

Стартот на учебната година во Грција ќе биде на 7 септември, но таму се уште нема точни протоколи за начинот на одржување на наставата.

Албанија традиционално учебната година ќе ја започне на 14 септември. Локалните самоуправи ќе имаат задача за дезинфицирање на училиштата. Правилата ќе бидат различни во секое училиште, во зависност од бројот на ученици.

Единствено на Косово властите немаат донесено никакви протоколи, а не се знае ниту кога учениците ќе почнат со настава.

Во Хрватска училиштата ќе се отворат на 7 септември. Онлајн настава ќе се организира само во исклучителни случаи со претходно одреден распоред за наставата во сите училишта кои поради епидемиолошки причини нема да може да имаат настава со физичко присуство.

Црна Гора, пак, допрва ќе донесе детални препораки за тоа како ќе се организира наставата. Но, бидејќи државата се уште не е подготвена, учебната година се планира да почне на 1 октомври.

Словенија е најподготвена за учебната година. Според планот на властите, учебната година ќе стартува на 1 септември, но доколку епидемиолошката состојба се влоши, можно е одложување. Словенците се единствени на Балканот кои имаат модели за настава и во случај училиштата да останат отворени, и во случај да мора да се затворат.