Македонија
2. October 2018 - 11:41

Регионален семинар за борба против трговија со оружје

Речиси и да нема криминал без употреба на оружје, директно или индиректно оружјето е почетокот и крајот на речиси секое кривично дело, порача министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на отворањето на Регионалниот семинар „Борба против трговија со оружје и експлозиви во Западен Балкан - Примена на нови технологии во борбата против трговијата со оружје“, што денеска и утре се одржува во Скопје.

На семинарот во организација на Министерството за внатрешни работи и Дирекцијата за меѓународна соработка на Република Франција во партнерство со фрнцуското Министерство за надворешни работи учествуваат експерти од земјите од Југоисточна Европа. 

- Неопходно е интензивирање на соработката на регионално ниво и пошироко, а особено е важно да се воспостави соодветен систем за евиденција и контрола на оружјето, кој ќе помогне во понатамошните постапки за пронаоѓање на оружјето со кое евентуално се сторило одредено кривично дело, а со тоа и самиот сторител на кривичното дело, рече Спасовски.

Тој нагласи дека борбата против сите облици на криминал е еден од стратешките приоритети и заложби на Владата на Република Македонија, а пред се на Министерството за внатрешни работи.

- Како членка на Обединетите нации, Македонија во континуитет презема активности за реализирање на обврските коишто произлегуваат од релевантните конвенции и други документи во областа на контролата на оружјето. Во таа насока во домашната регулатива доследно и целосно ги имплементира меѓународни документи, протоколи, договори од областа на оружјето, и експлозивните материи, потенцира Спасовски.

Францускиот амбасадор Кристиан Тимоние посочи дека сите земји заедно мора да се борат против организираните мрежи и терористичките мрежи и додаде дека оружјето од мал калибар е закана за голем број на луѓе.

- Трговијата со оружје се организира поради присуството на големи количини оружје од поранешна Југославија кое се препродава... Во терористичките напади во Париз во 2015 година дел од оружјето потекнуваше од Западен Балкан. Закана претставува и расформирањето на ИСИС во ирачко-сириската зона, а присутна е и исламистичката закана. Затоа мора заедно да се бориме против тоа, рече Тимоние.

Нагласи дека во Македонија на 13 јули 2018 година беа уништени 590 парчиња оружје со што, како што рече, земјата покажа дека му посветува големо влијание на ова зло, а покрај тоа, додаде, воспоставени се и механизми за борба против трговијата со оружје.