Македонија
21. October 2021 - 16:39

Редици пред центрите за имунизација за трета доза вакцина

Пораките за потсетување за трета доза без термин создадоа големи гужви пред пунктовите за имунизација. Сите граѓани вакцинирани со Синофарм и Синовак кај кои поминале три месеци од ревакцината, по добивање на смс се упатиле до најблиските поликлиники. Чекаа со часови за да добијат дополнително зајакнување на имунитетот.

Во поликлиниката Јане Сандански има имунизација за прва доза, за ревакцина и за бустер. Поради големите гужви биле повикани и дополнителни тимови.

-Донесов два тима од Драчево бидејќи сабајле имаше невидена гужва и сега сме организирани па да видиме до кога ќе трае интересот кај граѓаните за трета доза, вели Д-р. Боро Радевски раководител на поликлиника Јане Сандански.

Во главниот град според информациите од Здравствен дом Скопје гужви и зголемен интерес за трета доза има во речиси сите пунктови.

-Најголем број кои сега доаѓаат се постари лица, но секако трета доза е и за оние имунокомпромитирачки кои имаат хронични заболувања но и за сите кои сакаат, вели Д-р. Даниела Марковска, од поликлника Јане Сандански.

Пред два дена здравствените власти одлучија сите вакцинирани со Синофарм и Синовак кај кои поминале три месеци од ревакцина да добијат и бустер доза.

-Кога слушнав за смртноста дека е најголема кај вакцинирани со Синофарм, а јас сум во тие ризични групи, воопшто не се двоумев и немав дилема за трета доза, вели граѓанин.

Инаку вчера бустер доза примиле повеќе од 1000 лица.