„Red Carnival“ на Томе Аџиевски - македонски претставник на 57. Венециско биенале
Ликовниот уметник и скулптор Томе Аџиевски со проектот „Red Carnival“ ќе ја претставува Република Македонија на 57. Венециско биенале на уметноста од 13 мај до 26 ноември 2017. Проектот е поднесен од Дирекцијата за култура и уметност од Скопје, куратор е Бранислав Саркањац, а избран е едногласно од стручната комисија (Викторија Васева-Димеска, Станко Павлески и Жанета Вангели) од седум пристигнати апликации на конкурсот на Министерството за култура.
Проектот е комплексен, со повеќе елементи, од кои нагласена ќе биде наративноста зашто, според авторот, денешниот свет и опкружувањето е нарација. Во филм од половина час ќе биде прикажан тајниот агент Џејмс Бонд (метафора на западниот свет) како се наоѓа во Москва за време на парада по повод 100 години од Октомвриската револуција, раскажа авторот Аџиевски денеска на прес-конференција на која беше објавено дека тој ќе биде македонскиот претставник на најголемиот собир на современата уметност на светот. Кога ќе открие дека девојка му е, всушност, травестит Бонд ќе реши да бега со бондмобилот, но тогаш група студенти ќе го нападнат неговиот автомобил облепувајќи го со плакати од руските авангардисти. Целта им е да соопштат тајна која авторот Аџиевски не ја откри.
Сцената со автомобилот (БМВ) на Бонд залепен со плакати ќе биде изложена во павилјонот на Република Македонија во Венеција, а околу инсталацијата непрекинато ќе се прикажува филмот на платно. Локацијата каде што ќе се претставува РМ се уште не е позната, но авторот се надева дека ќе добијат простор во Арсенале каде, покрај Џардини, се наоѓаат најголем број од павилјоните на земјите-учеснички на Биеналето.
- Огромна чест и задоволство зашто Венециското биенале е сон на еден уметник. Тој сон мене ми се остварува. Ова е континуитет на мојот ангажман - во моите дела често преку некаков хумор да провејува политиката. Сакам сериозните работи да ги кажувам преку пародија и притоа се навраќам на мислата дека уметноста на Источна Европа е уметност со последици. Тоа мото - уметност со последици - го доживеав лично и со споменикот на Прометеј кој беше напаѓан. Тоа мото беше и за оваа изложба. Манипулацијата во уметноста е огромна, а јас работам токму со манипулацијата. Тоа е мојот материјал за работа, рече Аџиевски.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на прес-конференцијата рече дека според мислењето на комисијата, проектот на Аџиевски е соодветен одговор на темата на Венециско биенале 2017 „Вива арте вива“ која ја промовира размислата дека „во светот полн со конфликти, во кој хуманизмот е сериозно нагризен, уметноста е најскапоцениот дел од човековото битие“.
- Во таа насока Томе Аџиевски нуди еден оргинален, комплексен и слоевит авторски проект, кој на ироничен и симболичен начин го поставува прашањето за западната таканаречена беневолентна глобална хегемонија и нејзината деконструкција. Проектот е провокативен, интригантен, актуелен без никаква стравопочит кон трендовските манири и функцинира како на локално, така и на глобално рамниште, разобличувајќи ги симболите и методите на ретро-гардата, рече Канческа-Милевска, нагласувајќи дека се настојува РМ секогаш да биде дел од светски етаблираните меѓународни манифестации, каква што е и Биеналето во Венеција каде учествуваме од 1993 година.
На конкурсот за учество на Венециското биенале аплицирале и проектите: „Триумф на уметноста“ на Жарко Башевски; „Помеѓу блиску и далеку“ на Јасна Богдановска; „А-рефлексија“ на Марија Павловска; „На плажа: херменевтика на песокот“ на Зоран Поповски; „Изгаснатото сонце и земјиште што се подвижува“ на Нада Прља и „Загуба“ на Пандора Апостолоска-Саздовска. Апликациите на авторките Прља и Апостолоска-Саздовска не ги исполнувале условите од Конкурсот.
Образложувајќи ја одлуката на комиисјата, Викторија Васева-Димеска рече дека Аџиевски и припаѓа на најдобрата генерација македонски ликовни уметници кои, рече таа, ја креираат физиономијата на македонската современа ликовна уметност. - Проектот на Аџиевски произлегува од неговото неколкудецениско континуирано творештво и имајќи го предвид тој факт како комисија сме уверени дека достоинствено ќе не претставува на 57. Венециско биенале, рече Васева-Димеска.
Станко Павлески додаде дека задачата на комисијата не била лесна затоа што имале апликации кои влегле во потесен избор и кои, како што рече, можеле достојно да ја презентираат РМ во Венеција, посочувајќи ги проектите на Зоран Поповски и Јасна Богдановска. Се одлучиле за проектот на Аџиевски зашто имал убава структура и шеговито се однесувал кон високи теми, а притоа бил и добро спакуван.
Мирко Стефановски од Дирекцијата за култура и уметност од Скопје е задоволен што нивната институција е носител на проектот за Венециско биенале 2017 и затоа што со авторот соработуваат од почетокот на „Скопско лето“ пред повеќе 30 години. Рече дека „Red Carnival“ го планирале за „годинашното „Скопско лето“.
- Но оценивме дека, сепак, проектот е толку добар и треба да го предложиме за Венеција, прво да го видиме на светско ниво, а потоа и во Скопје, додаде Стефановски.
Ново на Сител
-
Лајчак: Искористете ја шансата за влез во ЕУ, да не останете запоставени
-
ОЈО побара притвор за 9 од вкупно 23 осомничени во акцијата ,,Адитив''
-
Храната поскапува - Власта уверува дека цените ќе паднат со новогодишната кошница
-
Реставрација на споменици на културата
-
Преглед на вестите од свет
-
Законот за јазиците пред Уставен
-
Приведените во „Адитив“ пред суд
-
Расте откупната цена на тутунот