Бизнис
21. December 2018 - 21:45

Речиси пет месеци Дојранското езеро е без концесионер

Скоро пет месеци Дојранското езеро е без концесионер за рекреативен и спортски риболов. Откако во август годинава му истече шестгодишниот договор на претходниот концесионер,  грижата за рибниот фонд и заштитата на  езерото ја водат МВР и државниот земјоделски инспекторат. Тие се задолжени да ги откриваат евентуалните рибокрадци. Од општината  велат постапката за избор на нов концесионер ја води министерството за земјоделие. Очекуваат наскоро езерото да го добие концесионерот.

,, Набрзо ќе имаме и нов концесионер на Дојранско езеро кој што би требало да се грижи и за рибниот фонд и за ред други активности кои што му следуваат како обврска со прифаќањето на концесијата, така што и општина Дојран ќе се растерети од тој дел и за заштитата на рибниот фонд и на други активности кои што следуваат , односно се пропратни со добивањето на самата концесија.

Со законот за заштитено подрачје од 2011  и општината доби дел од обврските за грижа на езерото, но не и од приходите кои се остваруваат од него.

,, Огромен хендикеп е тоа што обврските се на општината,  а финансиската помош, односно финансиските приходи не се на општината, така што мислам дека треба да се покрене една иницијатива со која би добила самата општина поголеми надлежности, а со тоа и поголеми приходи. Не се тие приходи за било која цел, туку едноставно за поголема грижа.

Од министерството за земјоделие информираа дека рокот за поднесување на понудите  за доделување концесија на Дојранско езеро завршува во понеделник, тогаш ќе се изврши и нивното јавно отворање. На сите понудувачи на кои понудите се оценети како комплетни и прифатливи ќе им биде доставена покана за учество на електронска аукција, по која врз основа на највисокиот понуден надоместок ке биде изготвен предлог за избор на најповолен понудувач. ОД МЗШВ очекуваат целата постапка да финализира до крајот на јануари следната година.