Свет
31. July 2019 - 12:43

Реакции по лансирањето ракети од Северна Кореја

Само неколку дена откако лансира две слични ракети, Северна Кореја утрово истрела уште два балистички проектили со краток дострел, соопшти Армијата на Јужна Кореја.

Ракетите се лансирани од полуосторовот Ходо во провинцијата Хамгјонг, источниот дел на Северна Кореја, од каде беа истрелани ракетите на 25 јули. Најверојатно се работи и за слични ракети. При денешното лансирање проектилите прелетале околу 250 километри.

Официјален Вашингтон соопшти дека се информирани за тестирањето на ракетите и оти ја следат ситуацијата.

– САД примија извештај дека Северна Кореја лансирала ракети и ќе продолжат да ја следат ситуацијата, изјави портпарол на Стејт департментот.

Претходно, јужнокорејската министерка за надворешни работи Канг Кјунг-ва ја повика Северна Кореја да го стопира ракетните проби.

– Чекорите на Северна Кореја не помагаат за намалување на воените тензии ниту помагаат во преговорите кои се во тек, посочи Канг.

Според експертите Северна Кореја денеска лансираше ракети КН-23 дизајнирани за избегнување на противракетни системи.

Јужнокорејскиот министер за одбрана Џонг Кјонг-до изјави дека запирањето на тој модел ракети е тешко иако противракетниот јужнокорејски систем може да ги открие и пресретне.

Додека јапонскиот премиер Шинѕо Абе изјави дека новото лансирање не влијае врз безбедноста на Јапонија.

Тој додаде дека Токио работи со сојузници за решавање на ситуацијата во регионот.

– Ќе продолжиме тесно да соработуваме со САД и другите земји, посочи Абе.

Јапонското Министерство за одбрана соопшти дека ниту еден истрелан балистички проектил не стигнал до територијата на Јапонија ниту до ексклузивната економска зона на земјата.

Денешниот ракетен тест е и кршење на резолуциите на Советот за безбедност на Обединети нации и е извршен додека се во застој преговорите помеѓу Вашингтон и Пјонгјанг за нуклеарното вооружување.

Официјален Пјонгјанг го обвинува Вашингтон дека не го исполни ветувањето и во август планира заедничка воена вежба на американската и јужнокорејската армија, поради што се отвора можноста за промена на одлуката за замрзнување на тестирањата на нуклеарни ракети и ракети со долг дострел, која е во сила од 2017 година.