Свет
24. јуни 2016 - 19:13

Реакции од Брисел по референдумот во Британија

Европската унија утринава се разбуди со шок и неверување од исходот од вчерашниот референдум за излез или останување на Велика Британија во Европската унија, според кој британскитеграѓани одлучија Обединетото Кралство по 43 години членство да ја напушти Унијата.
 
Сепак, по првичниот шок, челниците на ЕУ, Жан-Клод Јункер, Доналд Туск, Мартин Шулц и останатите испратија јасна порака дека и покрај тоа што жалат за оваа одлука, дека истата е реалност и затоа сега на официјален Брисел му е потребно што побрз излез на Британците со цел стабилизирање на финансискиот пазар.
 
Висок извор на Европската унија денеска ги брифираше новинарите-дописници во Брисел што ќе следи како правно-политичка и финансиска рамка во односите на Европската унија и Велика Британија во следните години до официјалното излегување на Британците од Унијата. Најпрво, Европскиот парламент на вонредна седница на 28-ти јуни ќе гласа за резолуција што ќе биде анализа на резултатите од британскиот референдум и начинот како да се оди напред, а потоа започнуваат правните заврзлами околу начинот на истапување на Обединетото Кралство од Унијата.
         
Според изворот од Брисел, сега најпрво е потребно за Британија да го активира членот 50. од Лисабонскиот договор, па по таа т.н. нотификација започнува да тече временскиот рок од две години за конечен и официјален излез на Велика Британија од Европската унија. Но, поради оставката на премиерот Камерон, можно е Британците да го одолговлечат активирањето на овој член и со тоа нивното официјално излегување од Унијата, но и од состаноците на Европскиот совет, би можело да трае до недоглед.
            
Доколку поинаку не се договори со Велика Британија на ниво ЕУ - трета земја, можно е и сите ЕУ-институции и агенции во Британија да бидат повлечени, иако финансискиот пазар е прво нешто што ќе се дискутира во рамки на преговорите за излез на Британците. Европската унија очекува Британија многу брзо да поднесе официјално активирање на членот 50. од договорот за напуштање на Унијата, за да да започнат преговорите и пазарот да не го почувствува толку силно излезот на Обединетото Кралство од Унијата.
    
Од Брисел, денеска потврдија дека засега останува одлуката на Европскиот совет за Велика Британија да го предводи претседателството со Советот на унијата од јуни идната година, доколку дотогаш оваа држава е се уште членка на ЕУ           
Од ЕУ денеска потврдија и дека англискиот јазик ќе остане како еден од 24-те официјални јазици што се говорат во Европската унија и по излегувањето на Велика Британија и тоа од причина што истиот е втор официјален јазик во Ирска, земја-членка на Унијата. Но, од она што може да се забележи е паниката кај нешто над 1.000 вработени во ЕУ-институциите како Британци, кои масовно аплицираат за добивање на државјанство на некоја од останатите 27 земји-членки на Унијата, најмногу на земјата-домаќин Белгија со цел да ги задржат своите дебело платени места.