Македонија
20. February 2021 - 8:57

Различни ставови за прашањето за етничка припадност во личните карти, според евроамбасадорот тоа не е согласно европските регулативи

Во државата и натаму остануваат различните ставови од политичките субјекти дали етничката припадност треба да стои во новите лични карти или не. За едни тоа е потребно, за други, пак, не постои такво нешто во европската и светската практика. Во насока на ставот дека вакво нешто не е потребно, е и последната изјава на евроамбасадорот Дејвид Гир, кој истакна дека главната ЕУ регулатива кога станува збор за ова прашање е општата регулатива за заштита на лични податоци, што го забранува споделувањето на лични податоци како расна и етничка припадност, како и политичка и верска припадност.

-Во Европската Унија, личните карти во моментов се се уште регулирани од страна на земјите членки, но регулативата што ја споменав, што ги содржи првите правила кои се однесуваат на овие документи на ниво на Унијата, ќе стапи на сила во август 2021, рече вчера Гир.

Евроамбасадорот додаде дека усогласувањето на законодавството на земјава со правилата и стандардите на ЕУ е важен процес и оти ЕУ отсекогаш ја охрабрувала Македонија да постигне напредок на ова поле затоа што, посочи, ова е едно од првите работи што би се оценувале при почетокот на преговорите за членство во Унијата.

Премиерот Заев останува на ставот дека е добро решението во личните карти да стои етничката припадност и оти во договор може да се најде решение што ќе ја отсликува, како што вели, мултиетничка Македонија.

-Дијалогот е отворен, законските решенија ќе одат во Собранието, тука се амбасадорите на земјите членки и Европската делегација да ни помогнат и сите заедно ќе изнајдеме убаво решение што ќе приличи на мултиетничка Република Македонија, рече Заев.

Тој додаде дека ќе ги следат европските препораки и оти тоа за нив впишувањето етничка припадност е прифатливо, бидејќи, рече сме мултиетничка земја.

-Државјанството е македонско/граѓанин на Република Македонија. Етничката определба е определба на секој граѓани. Дури и Струмица е повеќе етничка, а не Македонија, сме навистина мултиетничка земја и правото на определба треба да го почитуваме. Во тој дел ќе ги слушаме и европските директиви заради тоа што сакаме да бидеме членка на ЕУ. Може да се изнајде решение на определба за да нема каква била дискриминација или каква било пречка, рече Заев.

Според него, тоа е демократијата, но изразот на волјата кога се покажува од страна на помалкубројните заедници дека сакаат да имаат етничка припадност, не може да се негира.

Тој потенцира дека е вистина оти за впишувањето на националноста во личните карти, што е предлог доставен во Собранието од Беса, нема никакво предупредување од странски дипломат, затоа што, како што рече, се работи за идентитетски прашања како на Македонците, така и на Албанците, Турците, Ромите, Бошњаците и сите други.

– Немам јас такво предупредување, нуту каков било разговор за каков и да било аларм или предупредување дека некој би реагирал. Норамално беа, имаше состанок со амбасадорот на Грција, добија повратна информација. Ние по нашите дипломатски патишта тоа сме го провериле уште во времето кога тоа беше ветено во 2019 година, во почетокот на годината, кога се гласаа уставните промени согласно Преспанскиот договор. Така што нема никакво предупредување заради тоа што се работи за идентитетски прашања, како на Македонците, така и на Албанците, Турците, Ромите, Бошњаците и сите други, истакна премиерот Заев.

Во меѓувреме, вчера Левица соопшти дека до претседателката на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, Соња Мираковска, како и до претседателот на Собранието, Талат Џафери, поднела барање за одржување јавна расправа и спроведување јавна дискусија за, како што велат од партијата, сензитивниот Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за личната карта.

-Како единствени пратеници во Собранието, кои со поднесување на амандмани на овој контроверзен Закон, го стопиравме процесот на негово донесување, сметаме дека итна јавна расправа е неминовна. Во спротивно, овој Закон се заканува да предизвика етничка дискриминација, поткопувајќи го уставниот концепт на Републиката, велат од Левица. Од партијата за решението што е во собраниска процедура поднесоа над 1.000 амандмани.

Непроменети остануваат ставовите и на останатите субјекти во државата. Претседателот на државата Стево Пендаровски не се согласува етничката припадност да биде во личните карти зашто вели тоа го нема во ниту една демократија во светот. Нему, додава тој, не му пречи, бидејќи не мисли дека тој закон ако биде донесен со таква одредба ќе ја растури државата, ниту дека ќе има негативни последици, но најави дека ако го изгласаат во таков облик, тој ќе го потпише.

Пред два дена лидерот на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски изјави дека  ВМРО-ДПМНЕ поддржува етничката припадност да стои во личните карти, но и во патните исправи, а не поддржува името Република Македонија да биде променето со новата придавка.

За тоа, како што вели, има рок од пет години да се примени во документите за лична идентификација и патните исправи. Во однос на предлогот за впишување националност во личните карти, го повика Заев, ако навистина тоа го сака, Владата да достави закон со европско знаменце до Парламентот.

Ако навистина Заев има желба тоа да го направи, вели Мицкоски, зошто не го прави сега и да го достави законот во Собранието со европско знаменце за да можам да се идентификувам себе си како Македонец. Тој останува на ставот дека е апсолутно е точно дека за тоа има сериозна забелешка од страна на амбасадор од страна на една соседна држава.