Македонија
31. July 2021 - 19:46

Растот на нови случаи носи и можност за нови мерки за заштита

Трета доза на вакцина или боцкање против Ковид секоја година. Ова се дел од можните сценарија за спас од вирусот што ги најави министерот Филипче а кои треба да ги препорачаат и одобрат светските регулаторни тела. Во некои земји веќе има нивна примена како што е Израел каде граѓаните по трет пат добија шанса за што подобар имунитет против мутациите.

- Очигледно нема да запре трендот на појава на нови соеви и многу веројатно е дека делта-сојот нема да биде последниот сој на овој вирус. Тоа значи дека предизвиците остануваат и понатаму“,изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Додека чекаме во која насока ќе оди имунизацијата во иднина, Филипче најави дека евентуалните рестрикции од наесен ќе бидат за невакцинираните. Дали ќе ги следат примерите од европските земји каде без сертификат за вакцинација нема влез во ресторани, ноќни клубови и културни објекти треба да одлучи Комисијата за заразни.

Во меѓувреме бројката на новозаразени рапидно расте а се намалува заинтересираноста за вакцини. Дневно прва доза добиваат околу 3000 лица што е далеку од тоа што го најавуваа здравствените власти.

-Има зголемување на бројките на новодијагностицирани пациенти, но во овој момент, нема притисок ниту во болниците, ниту во амбулантите.  Околу 15 пациенти се лекуваат на Инфективната клиника. Будно ја пратиме состојбата. И покрај тоа што е сега прилично мирно, можно е да дојде до влошување и овој тренд на пораст да продолжи и понатаму, а ние интензивно ги пратиме и анализираме препораките во однос на вакцинацијата, изјави Филипче.

Во државата во моментот на располагање има 200 000 вакцини – 105 илјади на Синовак, 45 илјади од Астра Зенека и 50 000 од Фајзер а најави за нови количини засега нема.