Македонија
7. April 2020 - 16:49

Расте бројот на смртни случаи од коронавирус во државата

Нови 5 смртни случаи поради компликации од коронавирусот се регистрирани во Македонија последното деноноќие. Министерството за здравство соопшти дека двајца од починатите се од Куманово на 52 и 53-годишна возраст, едниот починал дома, а другиот на Инфективна. На клиниката борбата со вирусот ја загубиле и 3 жени. 65 годишна пациентка од Лабуништа Струшко, пациентка од Челопек – Тетовско на 62 години и 81-годишна штипјанка.

Досега како последица на Ковид-19 во државата регистрирани се 26 смртни случаи.

Во изминатите 24 часа, има 29 нови случаи со коронавирусот. Повторно најголем број се од  Скопје – 15 и Куманово -7.

Со новозаразените вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 во земјава изнесува 599 лица.

Иако во Кумановската болница кај 18 вработени е потврден Ковид-19, по направената реорганизација здравствените власти велат дека Установата работи не пречено. Имало и опрема и кадар.

Во изминатото деноноќие направени се 386 теста. Од нив преку ИЈЗ- 229, преку Ветеринарен факултет –8, Авицена –22 , Биотек – 22 и Фипил Втори (Жан Митрев) –105 . Досега во земјата се направени  5.879 тестирања на Ковид-19.