Македонија
17. April 2017 - 8:55

Расказ од Томислав Османли во црногорското списание „Плима“

Расказот „Џебовите на генералот Кондиевиќ“ на македонскиот писател Томислав Османли е објавен во електронско списание „Плима“ кое се уредува во Улцињ, Црна Гора.

Станува збор за проза во која авторот се занимава со остра иронизација на војничката решителност во услови на држава во процес на распаѓање. Расказот е саркастична фантазија за остарениот и осамен генерал Н. Кондиевиќ којшто ги преживува моментите на трагичен воен распад на државата која бил повикан да ја одбрани. Според авторот, тоа е проза за етичкиот вртлог на совеста, одговорноста, нерешителноста и самооправдувањата на раководната личност соочена со решавачките мигови на историјата. 

Покрај текстот објавен во одделот „Убави духови“, електронскиот портал објавува и биографија на нашиот автор.  Ова е прва соработка на Османли со црногорското списание „Плима“ кое се појавило во 1995 година, а од неодамна е обновено и развива регионална, но и поширока, европска меѓународна соработка. Списанието го уредува познатиот црногорски писател Андреј Николаидис.

Расказот „Џебовите на генералот Кондиевиќ“ пред три години го објави белградскиот алтернативен портал „КонтраПресс“. Томислав Османли овој текст го подготвува за  објава на македонски јазик најверојатно во неговата следна книга.