Балкан
30. јуни 2016 - 8:56

Рама: Албанија е посветена на борбата против екстремизмот и тероризмот

Албанскиот премиер Еди Рама на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган и на премиерот Бинали Јилдирим лично им изрази длабоко сочувство за загубените животи во терористичкиот напад на аеродромот во Истамбул, јави дописникот на МИА.

На средбите во Анкара, Рама изјави дека неговата земја е безусловно посветена на борбата против насилниот екстремизам и тероризмот.

Според соопштението од Кабинетот на албанскиот премиер, тој посетата на Анкара ја почнал со оддавање почит пред Мавзолејот на основачот на современа Турција, Мустафа Кемал Ататурк, по што се сретнал со претседателот Ердоган.

Соговорниците односите меѓу двете земји ги оцениле како одлични и се заложиле за зголемување на економската соработка и трговската размена.

Албанскиот премиер во Турција престојува по покана на неговиот турски колега Бинали Јилдирим, кој на оваа функција е избран пред еден месец. Главна тема на заедничката прес-конференција бил тероризмот.

- За жал нашата земја доживеа терористички напад со жртви и повредени. Му благодарам на мојот албански пријател, господинот Рама за сите пораки на сочувство. Албанија и албанскиот народ се со нас. Ние се уверивме дека нема добра или лоша терористичка организација, нивна цел е да сеат смрт. Сакам да им порачам на нашите граѓани дека тие се безбедни, изјави меѓу другото Јилдирим на заедничката прес-конференција со албанскиот премиер.

Рама од своја страна јавно изрази жалење за жртвите и искажа длабоко сочувство, додавајќи дека албанскиот народ во овие тешки мигови е со турскиот народ.

На средбата на владините делегации на двете земји станало збор и за унапредување на економската соработка, при што Рама рекол дека ги охрабрува турските инвеститорите да дојдат во Албанија.

Турскиот премир најавил дека економската соработка вредна три милиони долари ќе се зголеми за што турските бизнисмени работеле на потпишување договори за соработка со Албанија.

Претходно договорената агенда за посета на Рама не претрпе измени и покрај состојбата по терористичкиот напад. Неговата посета доби посебен публицитет во светските медиуми поради фактот што авионот со кој патуваше албанската владина делегација слета на аеродромот во Истанбул пет минути по нападот.