Македонија
18. August 2018 - 13:50

Радовишките производители на сливи бараат по пет денари обештетување од државата

Производителите на сливи од Радовишко денеска со едночасовна блокада на патот Струмица-Радовиш го искажаа своето незадоволство од немањето откуп.

Велат дека договореното со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство не е испочитувано, односно оти за предадените количини сливи не добиваат кантарни белешки за да можат да добијат плус три денари за килограм.

- Бараме по пет денари за килограм обесштетување за секој производител на слива. Тоа го бараме бидејќи Владата веќе има превидено по три денари за секој предаден килограм слива и два денари за откупувачите. Но, во случај кога нема откуп, бараме овие пет денари да се исплатат на производителите на сливи за да можат да покријат барем дел од трошоците кои ги имаат за производство, изјави Станко Младеновски од Иницијативниот одбор.

Додаде дека бараат исплатата на обесштетувањето да се однесува во просек на три илјади килограми сливи од декар за секој производител.

Производителите на сливи велат дека ако не се прифатат нивните барања утре ќе продолжат со блокада на патниот правец Струмица-Радовиш во траење до три часа и секој нареден ден времетраењето на блокадата ќе се зголемува за еден час.