Свет
17. November 2017 - 15:23

Радио Слободна Европа: Могерини го напушти состанокот со Харадинај

 Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини денеска ја откажа закажаната прес-конференција со косовскиот премиер Рамуш Харадинај, која требаше да се одржи по состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација во Брисел, јавија белградските медиуми.

Портпаролката на Могерини, Маја Кочијанчич, како причина за откажувањето на прес-конференцијата ја наведе пренатрупаната „агенда“ на високата европска претставничка.

Меѓутоа, според извори на Радио Слободна Европа, кои биле на состанокот, атмосферата од самиот почеток била тензична и кулминирала во моментот кога Харадинај наводно инсистирал на поголем ангажман на САД во дијалогот меѓу Белград и Приштина.

- Могерини ова го доживеа лично и нервозно ја напушти средбата и не се врати, изјавил неименувниот извор за РСЕ.

Прес-конференцијата е дел од редовната агендата по годишните состаноци на советите за стабилизација и асоцијација.

 

Како што информираат српските медиуми, дописниците на косовските медиуми од Брисел пренеле дека за време на состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација владеела „лоша атмосфера“.

Косовската Влада во соопштението од средбата набедува дека Харадинај на средбата со Могерини разговарал за европскиот пат на Косово, при што како напредок го истакнал забрзувањето на процесот на исполнување на агендата на европските реформи и критериуми утврдени со Договорот за стабилизација и асоцијација.

Харадинај изјави дека Косово е посветено и работи на реформите во областа на владеењето на правото, економскиот развој, образованието и здравството и има за цел до крајот на 2018 година да добие статус на земја кандидат за членство во ЕУ, се вели во соопштението од Владата на Косово.

Тој нагласил дека европската перспектива на Косово треба да биде јасна и отворена и ја истакнал важноста од финализирање на процесот на либерализација на визниот режим со ЕУ, додавајќи дека Косово е единствената земја во Европа без слобода на движење.

Косово, според него, ги исполнило своите обврски во овој процес и останат е уште договорот за демаркација на границата со Црна Гора.

- Косово покажува посветеноста на изградбата на добри односи со соседите, вклучувајќи ја и Србија, изјавил Харадинај и истакнал дека на дијалогот за нормализирање на односите со Белград, потребен му е нов формат и одредени рокови, за да заврши со конкретни резултати и меѓусебно признавање на двете држави.

На состанокот на Харадинај и Могерини присуствувале и заменик-премиерот и министер за надворешни работи Беџет Пацоли и министерот за европска интеграција Дурата Хоџа