Македонија
1. July 2016 - 13:53

Пуштено во употреба ново возило за лицата со потешка инвалидност

Скопскиот градоначалник Коце Трајановски и директорот на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ Игор Јанушев денеска го предадоа во употреба новото возило кое е посебно адаптирано за превоз на лица со потешка телесна инвалидност. Возилото го набави Град Скопје.

- Град Скопје од 2010 година во соработка со ЈСП „Скопје“ се грижи и го реализира организираниот превоз на лицата со потешка телесна инвалидност на кои, заради движење им е потребна инвалидска количка и лица со тешки моторни пречки. Преку редовно следење на превозот и потребите на корисниците, согледавме дека маршрутите се добро организирани и оти опфаќаат оптимален број на корисници, рече Трајановски.

Тој информира дека бројот на корисници и нивните потреби од ден на ден се зголемуваат и затоа е потребно зголемување на бројот на возила, односно обезбедување ново возило.

- За таа цел Град Скопје набави уште едно адаптирано возило за превоз на лицата со потешка инвалидност и од буџетот на Град Скопје во 2016 година издвои 1.760.000 денари. Ова е четврто адаптирано возило кое е во сопственост на Град Скопје, а ќе се даде на користење на ЈСП „Скопје“. На годишно ниво ние на ЈСП му префрламе од 5 до 6 милиони денари за реализација на овој превоз, истакна Трајановски.

Град Скопје, како што рече, претставува лидер на Балканот во обезбедување поголема мобилност и пристапност за лицата со посебни потреби и пример на соработка и транспарентност во организирањето на овие социјални услуги.

- Организираме и друг повластен превоз на лица со посебни потреби за користење на јавниот градски превоз на подрачјето на Град Скопје и за 2016 година на 2.460 лица им доделивме годишни легитимации за кои Градот на годишно ниво обезбеди околу 34 милиони денари, истакна градоначалникот Трајановски.

Превозот, кој го користат вкупно 500 лица, досега се реализираше со три посебно адаптирани возила, еден минибус и еден автобус со автоматски управувана рампа за инвалидска количка и друга опрема која ја обезбедува безбедноста на корисниците.

Јанушев истакна дека превозот е добро организиран бидејќи се реализира на база на телефонски јавувања, според кои се прави распоредот на возење. Превозот се договара во работни денови, а за подобро планирање се препорачува да биде тоа во претходниот работен ден и закажувањето на превозот се договара со телефонски повик по принципот на редослед на закажување.

Закажувањето на превозот од 8 наутро до 15 часот се врши на бесплатниот телефон 080015115, или од 5 наутро до 24 часот закажувањето се врши на телефон 3173-224, а овој повик се наплаќа по нормална тарифа.

Корисниците го користат превозот за разни потреби, како за добивање здравствени услуги, превоз до училиште, односно факултет, превоз до работното место, остварување права од областа на социјалната заштита, инвалидска заштита, како и за посета на спортски, културно-забавни и слични манифестации. Постои можност комбињата да се користат надвор од Скопје.

За потребите на превозот ангажирани се осум возачи и еден диспечер. Дневно се реализираат околу 40 превози, или околу 1.200 превози месечно.