Македонија
5. August 2020 - 16:42

Психолозите сметаат дека враќањето во училиште ќе овозможи социјален развој за децата

Социјалниот развој е значаен за секое дете и добро би било да се вратат на училиште или во градинка, смета психологот Натка Пачоска, но според неа неопходна ќе биде добра организација од воспитно – образовните институции за да се заштити здравјето на најмладите.

-За сите деца значаен е социјалниот развој и заради тоа добро би било да можат да продолжат децата во училиште или во градинка секако според посебни протоколи и да се прашат институциите како може тоа да го организираат. Затоа што ова е посложен и поразличен начин на однесување кое ќе го бараме од децата, изјави за Сител психологот Натка Пачоска.

Токму затоа психологот Пачоска смета дека родителите од дома треба да ги подготват децата за носењето маска, честа дезинфекција на рацете и држење дистанца како впрочем и за сите добри навики на кои ги учеле досега.

-Навистина треба добра подготовка од дома, но ажурноста е многу значаен сегмент исто како кога почнуваат во 1 одделение им кажуваме да не стануваат од столчето кога ќе им текне и затоа е потребно помала група на деца на еден воспитувач или наставник за да го спроведе најдобро тоа. Ние не знаеме колку вака ќе го живееме животот. Маската треба да биде составен дел од реквизитите како униформата, приборот и слично. Ако децата се без маски последиците можат да бидат поголеми, категорична е Пачоска.

Од друга страна кај родителите постои поделеност дали од септември  да ги пуштат децата на училиште или да продолжат со онлајн настава. Вакви две групи со различни ставови деновиве се актуелни на социјалните мрежи.