Македонија
24. March 2017 - 16:41

Први директни контакти на министерот Попоски со новата администрација на Трамп

Првите директни контакти со новата администрација на американскиот Претседател Доналд Трам се остварени од страна на вицепремиерот и шеф на македонската дипломатија Никола Попоски, кој престојува во Вашингтон во рамките на Самитот на антитерористичката коалиција.

Попоски по средбите во Стејт Департментот и во Белата куќа со директорите за Балкан, и за Европа и Русија во американскиот Национален совет за безбедност, изјави дека очекува Mакедонија да биде на агендата за поддршка во остварувањето на стратешките цели.

,,Во овој контекст е многу значајно што обезбедуваме поддршка од поголем број на конгресмени кадешто има значајна македонска заедница во заедниците од кадешто се избрани. Во оваа насока сметам дека и во Конгресот и во новата администрација во Белата куќа и Стејт Департментот најзначајно ќе биде Македонија да се најде на агендата за поддршка во остварување на нашите стратешки цели“, изјави за МРТ Попоски.

И на средбите со конгресмените Дејв Трот од Мичиген и Бил Паскрел од Њу Џерси е констатирано дека Македонија е клучна за безбедноста на Балканот, и дека е значајно САД да останат ангажирани во регионот заради потребата од стабилизирање на целиот регион и одржување на перспективите за негово интегрирање.

,,Она што е значајно и од наш аспект е да ги запознаеме со сите напори кои ги имаме направено во изминатиот период за подобрување на регионалната клима и зголемување на соработката со сите наши соседи. Македонија впрочем е докажано дека е фактор за стабилност. Стабилна Македонија значи и стабилен балкански регион, но исто така занемарување на важноста на Република Македонија може да остави простор за дополнителни дестабилизации. Ова е нешто што не е ниту наш регионален, нити македонски интерес, уште помалку американски интерес“, рече Попоски.

Инаку, Попоски се сретна и со претседателот на Националниот демократски институт и со македонските иселеници кои живеат во Вашингтон.