Свет
23. July 2016 - 14:40

Прва фотографија од напаѓачот: Ова е тинејџерот кој пукал во Минхен

18-годишниот Али Давид Сонболи во вчерашниот напад во трговскиот центар Олимпија убил десет лица, од кои седум тинејџери, пишуваат германските медиуми. Ранети биле 27 лица од кои четворица имаат прострелни рани. Мотивите за нападот не се познати.

Нема докази дека напаѓачот, кој вчера во трговскиот центар во Минхен убил 10 луѓе, бил поврзан со Исламската држава, ниту со бегалците, соопштил денес шефот на баварската полиција Хуберт Андре.

Андре на конференцијата за новинари рекол дека 18-годишниот напаѓач бил "психијатриски случај", лечен од депресија, и како и дека станува збор за класично пукање, а не за тероризам, пренесуваат агенциите.

"Полицијата не пронашла докази дека во вчерашното пукање учествувале повеќе од еден напаѓач", рекол шефот на полицијата за новинарите. Според неговите зборови, напаѓачот е роден и пораснал во Минхен. Напаѓачот бил вооружен со пиштол "Glock", и имал 300 куршуми, рекол полицискиот службеник Роберт Хамбергер.

Убиецот, како што навел, најверојатно хакирал профил на млада жена на Фејсбук и ги повикал граѓаните да дојдат во трговскиот центар на бесплатно јадење.

"Ќе ви дадам нешто ако сакате, но не премногу скапо", напишал напаѓачот на профилот. Жената пријавила дека има проблем со својот профил на Фејсбук, наведуваат службениците.

Во пукањето во трговскиот центар Олимпија во Минхен загинале 10 лица, а повредени биле 27, соопштила баварската полиција.