Македонија
20. April 2020 - 16:41

Прв пат во статистиката повеќе оздравени од новозаболени, во 24 часа регистрирани и три смртни случаи

Тројца починати, 18 нови случаи и 21 излекуван пациент. Ваква е состојбата со коронавирусот изминатите 24 часа во Македонија. На Инфективна  битката со вирусот ја загубија жена на 46-годишна возраст од Лабуништа, Струшко која три недели била хоспитализирана на Клиниката и дишела со помош на апарати и пациент од Прилеп на 71 година, а во ГОБ „8 септември“ почина пациентка од Куманово на 63-годишна возраст, хоспитализирана во тешка состојба и цело време била на респиратор.

Најмногу новозаразени има во Куманово 9, а за прв пат е регистриран случај и во Пехчево. Ковид-19 има во 24 општини.

За прв пат од пандемијата во земјава има повеќе излекувани од новорегистрирани. Ова се должи на  помалиот број тестирања поради празничкиот викенд. Последното денонокие направени се 263 теста. Досега во земјава потврдени се 1225 заразени со коронавирус, излекувани се 200 пациенти, а евидентирани се 54 смртни случаи.

Иако во Скопје има најголем број заболени починале 9 лица, Куманово бележи најмногу 14 смртни случаи, а впечатлива е статистиката за Струга каде регистрирани се 55 заразени од кои 11 граѓани починаа.

Во моментот во 4-те болници Инфективна, ГОБ “8 септември”, во Битола и Штип хоспитализирани се 109 пациенти, а 9 се во критична состојба и на апарати за дишење.