Македонија
13. јуни 2021 - 16:58

Прв ден по 9 месеци без починат во дневната Ковид статистика

За прв пат после девет месеци нема ниту еден починат од ковид 19 во дневната статистика на ИЈЗ. Изминатото деноноќие само кај 8 лица од 3068 тестирања било потврдено присуство на вирусот додека пак, 9-мина се најдоа во графата на оздравени.

- Денес за прв пат по 2 септември 2020 не бележиме ниту еден починат од Ковид. Вирусот е далеку од победен, но оваа мала победа ни влева надеж дека сме се поблиску до ставање крај на агонијата. Сепак, мерките мора да продолжиме да ги почитуваме, а единствен начин да го намалиме бројот на жртви е масовно да се вакцинираме, велат од Министерството за здравство.

Веќе подолг период има драстично намалување на новодијагностицирани а многу мал е и бројот на хоспитализирани. Во моментот на болничко лекување има 105 пациенти. Согласно епидемиолошката состојба утре на состанок на Комисијата за заразни болести и на Главниот координативен штаб треба да биде препорачано укинување на полицискиот час од 16 јуни како и олабавување на дел од рестрикциите за организирање на концерти и други културни настани со одредени протоколи. Филипче пред три дена изјави – ако продолжи овој тренд повеќе нема да има ограничување на движењето.

Бројките се оптимистички, но граѓаните со поделени мислења. Иако повеќето сметаат дека веќе нема логика за полициски од полноќ до 4 часот наутро, други мислат дека треба постепено олабавување на другите рестрикции за народот многу да не се опушти..

Ковид статистиката покажува дека во земјата има 437 активни случаи а во осум градови во моментот нема ниту еден случај на Ковид-19. Од почетокот на пандемијата досдега над 5400 граѓани ја изгубија битката со вирусот.