Свет
16. November 2016 - 21:27

Протести во Бразил против мерките за штедење

Група од шеесетина антивладини демонстранти упаднаа во парламентарната сала на Долниот дом на бразилскиот Парламент и предизвикаа хаос.

Дојде до судир со обезбедувањето, кое се обиде да ги отстрани од централните места, каде обично седат претседателот на парламентот и други лидери.

Не е јасно какви се точно барањата на демонстрантите, иако некои од нив извикуваа слогани против приватизацијата, планирана од страна на централно-десничарската влада на претседателот Мишел Темер.

Во Рио де Жанеиро, припадници на воената полиција употребија пепер спреј за да ги запрат демонстрантите кои одеа кон зградата на парламентот на државата, каде што во тој момент пратениците дискутираа за мерки за штедење.

Државата е во тешка финансиска криза. Илјадници државни службеници не добиваат плати или ги добиваат со задоцнување од неколку месеци. Бразил преживува една од своите најтешки рецесии во последните децении, забележуваат американските медиуми.