Балкан
26. November 2020 - 15:19

Протести во Атина во рамките на генерален штрајк во Грција

Под слоганите „Мерки за заштита на здравјето и приходите“; „Бесплатно здравство за сите“; „Дајте пари за здравството“, денеска во Атина се одржаа неколку одвоени собири, организирани од различни федерации и здруженија што учествуваат во генералниот 24-часовен штрајк на Синдикатот на вработените во државниот сектор во Грција.

Протестите беа мирни, со учество на мал број лица, кои се трудеа да ги одржуваат превентивните мерки за заштита од коронавирусот и сите носеа маски.

Во центарот на Атина, големо беше и присуството на полицијата, која од демонстрантите бараше да си заминат и да не одржуват протестен марш, со оглед на тоа дека земјата е во карантин и забранети се големи собири.

Сепак, дел од насобраните, членови на различни синдикати и здруженија, одржаа мал и мирен протестен марш.

Пред Министерството за здравство на Грција, мини протест, придржувајќи се до мерките, одржаа неколку членови и претседателот на Федерацијата на вработени во државните болници, на кои подоцна, им се придружија и оние кои се занимаваат со музика, театра, филм, опера, танц и слично, откако претходно направија обиколка на Атина со мотори.

Протест со мотори одржа и синдикатот на вработените во угостителството и туризмот, кои застанаа пред Министерството за труд.

Во денешниот штрајк учествуваат и новинарите, кои од 11 до 13 часот имаа двочасовен прекин со работа.

Атина денеска е без метро и трамвај, бродовите се закотвени на пристаништата, поради учеството во штрајкот на здруженија од грчката поморска федерација, а проблеми има и со летовите, со оглед на тоа дека Здружението на контролори на летање кои исто така штрајкуваат.

Генералниот штрајк е во време додека Грција е во карантин, а од Синдикатот на вработени во јавниот сектор, меѓу другото бараат, суштински мерки за заштита на здравјето на вработените на нивните работни места; вклучување на приватниот здравствен сектор во битката со пандемијата; вработување на неодредено време на медицински персонал; дополнителни вработувања во јавниот превоз, за да се зголеми возниот ред и да се намалат гужвите, како и зголемување на платите и враќање на 13 и 14-та плата за вработените во државниот сектор.