Свет
2. July 2019 - 23:09

Протести пред зградата на Амазон во Франција

Активисти за заштита на животната средина денеска се врзаа за капиите и ја окупираа зградата на компанијата Амазон недалеку од Париз, обвинувајќи ја дека уништува работни места и предизвикува штета на планетата.

Учесниците на протестите ги окупираа и зградите на Амазон во Тулуз и Лил, надевајќи се дека слични акции ќе бидат покренати и во други земји.

Неколку десетици демонстранти се качија преку оградата и се пробиле во канцелариите на Амазон во северното предградие на Париз, каде седат во дворот и влезниот хол на компанијата.

На вработените им било дозволено да ја напуштат зградата, но не и да се вратат во неа.

Активистите, воглавно студенти волонтери пред капијата играле фудбал, слушале музика и најавиле дека тука ќе ја поминат и ноќта ако треба.

Некои од учесниците на протестите носеле жолти елеци, а организаторите на протестите ја повикаа Владата да блокира авторизација на три нови магацини на компанијата Амазон кои би требало да се отворат во Франција.