Македонија
13. јуни 2021 - 16:55

Протест на Орце Николов откако општината ги исече дрвјата

Минута молк за сечата на Орце Николов. 12 организации и активистички групи под иницијативата Зелен хуман град напладне се собраа на оваа раскопана улица во центарот на Скопје, каде што минатата недела поради реконструкција општината исече осум дрвја.

Зелените ветувања и зелените иднини се изневерени, велат активистите. Водејќи се од слоганот “Кога пилите ќе стивнат”, обвинија за манипулација од општина Центар.

Од општина Центар не се согласуваат со ваквите тврдења. Градоначалникот тврди дека нема ништо спорно во целата операција бидејќи станува збор за стари, болни и оштетени дрвја, за кои и самите жители барале да бидат отстранети.

“Ние рековме дека дрворедот ќе си остане во иста бројка која била и претходно. Нормално е дека таму каде што има исушени дрва дека ќе ги замениме. Кога правите реконструкција на цела улица заменувате се што е дотраено или уништено. Така и ние тоа го правиме и не знам зошто воопшто се реагира толку бурно кога и самите луѓе кои живеат таму кажуваат дека дрвјата претставувале опасност”, вели Богдановиќ

Од иницијативата Зелен хуман град велат дека нема да застанат со активностите поврзани за зачувување на зеленилото. Не се уверени во тврдењата на општината и ќе бараат стопирање на решението издадено од Град Скопје, за кое велат дека првично предвидувало сеча на 10, а не на 13 дрвја на Орце Николов. 

Ова е само едно од нивните барања.

Проектот веќе две години е изложен на увид во Општина Центар, објавен е на општинската веб страна и неколку пати е објавуван во јавноста, посочува Богдановиќ. Неговата цел, како што наведува, е да се зголеми безбедноста на улицата Орце Николов, а со тоа да се намали бојот на сообраќајни незгоди на овој потег.