Македонија
5. August 2017 - 11:47

„Протагон“: Македонија и Бугарија потпишаа договор, што прави Атина

Премиерите на Македонија и Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов минатата недела во Скопје потпишаа Договор за добрососедство и пријателство „кој изгледа менува многу на Балканот и во исто време ја истакнува грчката изолираност“, пишува грчкиот портал „Протагон“.

Повикувајќи се на „експерти од регионот“, порталот пишува дека овој чекор може да се смета за неутрален став на Бугарија, која е членка на ЕУ и НАТО, за прашањето за името, особено што со неговото потпишување, „надминато и едно многу значајно несогласување меѓу двете земји“.

„Бугарија навистина е првата земја што ја призна ПЈРМ како 'Македонија' во 1992 година, но никогаш не го призна постоењето на 'македонска нација' и 'македонски јазик'. Но, овој договор е потпишан, како што јавија медиумите и во двете земји 'на македонски' јазик, во согласност со Уставот на 'Македонија' и на бугарски, според Уставот на Бугарија“, наведува „Протагон“.

Порталот коментира дека „се чини оти во овие околности во регионот се создава нова ситуација во која Грција уште еднаш е спореден играч и набљудувач на случувањата“.

Економисти со долгогодишно искуство на работа во двете земји, коментираат дека Бугарија во суштина неофицијално „ја присоединува“ Македонија, преку динамична економска и дипломатска експанзија.

„Бугарската економија е во силен пораст, до степен во кој бара работна сила и персонал за динамични сектори како што се компјутерските и сродни услуги. Јазикот, кој во суштина е заеднички, го олеснува проширување кон соседно Скопје, каде во исто време новата Влада бара поддршка од Софија за нејзините евро-атлантски аспирации, кои исто така ги поддржува и американската администрација“, пишува „Протагон“.

Истите економисти велат дека Грција пропуштила уште една можност. „Ако ја следевме подолго време оваа политика на експанзија, економски ќе ја присоединевме ПЈРМ“, ги цитира порталот грчките економисти.

„Протагон“ на крајот додава дека Договорот обезбедува бугарска поддршка за евроатлантските аспирациите на Македонија, билатерална и мултилатерална соработка, подобрување на транспортни врски и комуникација, поедноставување на царинските и граничните процедури, распределба на средствата за регионална и прекугранична инфраструктура и олеснување на контактите меѓу граѓаните на двете земји.