Македонија
10. September 2015 - 14:25

Прослава на Денот на македонската независност во Брисел

Во организација на амбасадата на Република Македонија при Кралството Белгија и на постојаните македонски мисии при Европската унија и НАТО, синоќа во замокот „Света Ана” во Брисел се одржа прием по повод Денот на независноста на Македонија.

Aмбасадорите Лазар Еленовски (Белгија), Андреј Лепавцов (ЕУ) и Зоран Дабиќ (НАТО) беа домаќини на европската и светска политичка елита, амбасадори, дипломати, претставници на Европската комисија и НАТО, Македонци од Белгија што уживаа во традиционалната македонска кујна и вина.

Во срцето на европската престолнина, амбасадорите Еленовски, Лепавцов и Дабиќ им порачаа на повеќе од 200 присутни гости дека Македонија во овие 24 години независност докажала дека има јасна визија за своето место во Европа и реформски капацитет што ќе придонесе за нејзино побрзо интегрирање во Европската унија и НАТО. Истовремено, присуството на белгиската бизнис-елита покажа дека Македонија пред инвеститорите во Белгија е примамлива дестинација, а дел од нив како компанијата за производство на автобуси „Ван Хол” веќе се присутни во нашата држава.