Македонија
10. јуни 2018 - 8:35

Прошетка на 1.300 деца со „Иднината ни е во воз“

Македонски железници Транспорт АД Скопје организираше патувачка тура за 1.300 деца од 12 училишта и три градинки во Скопје, како дел од проектот „Иднината ни е во воз“, што го спроведе од 9 мај до крајот на учебната година. 

Во тек на проектот ученици од прво до петто одделение од основни училишта од дел од скопските општини, рурални и урбани, патуваа на релацијата Скопје - Велес и назад, по цена од 114 денари.

- Целта беше сообраќајна едукација и стекнување култура при превоз со воз, но истовремено и привлекување идни патници, изјави за МИА Саша Јовановски, директор на Секторот за патнички сообраќај во МЖ Транспорт ад Скопје.

Како што вели Јовановски, за проектот „Иднината ни е во воз“ имаат долгорочни планови и во Министерството за  образование ќе иницираат да стане задолжителен во програмата за сообраќај. Сега во програмата на основните училишта темата сообраќај е предвидена да се спроведува во мај, а на иницијатива на наставничкиот персонал имало  по едно до три патувања на децата со воз.

- Размислувавме како долгорочно да придобиеме патници. Aко децата на најмала возраст ги научиме, им стекнеме култура и понудиме едукација како е возењето со воз, сметаме дека кога ќе пораснат повеќе ќе ги користат услугите. Сакаме да стапиме во контакт со министерот за образование овој проект да стане задолжителен во програмата за сообраќај, не само во мај, туку и во септември, октомври, април мај и јуни за да имаме повеќе можности, вели Јовановски.

Засега капацитетите на возниот парк дозволуваат патувачки тури за учениците во Скопје. Доколку се создадат услови и се зголеми возниот парк, се планира да се вклучат и деца од останатите делови на државата.

МЖ Транспорт АД Скопје неодамна промовира уште еден проект за децата „Игротека во воз“. Со него се овозможува организирање роденденска забава за деца во воз при што се наплаќа за закуп на дел од гарнитурата и билети за патниците.