Македонија
15. February 2021 - 15:36

Проодни се регионалните патишта во Прилепско, ќе се чисти и кон Мариово

Главните регионални патишта во Пелагониско се проодни за сите видови возила и нема проблеми, велат од секцијата на „Македонија пат“. На патниот превој Плетвар укината е забраната за тешките товарни возила што беше проблем за големите превозници.

Според Сашо Цветкоски, раководител на секцијата на „Македонија пат“ во Прилеп, има доволно материјал и опрема да се одржуваат патиштата.

– Главните регионални патишта се целосно проодни за сите видови возила. На превојот Плетвар укината е забраната за тешките товарни возила, во ред се регионалните патни правци за Битола и за Македонски Брод. Имаме доволно материјал и возила да ги одржуваме. Очекуваме во текот на денов да почне расчистувањето на патот за Мариово, изјави Цветкоски.

Проблемите со снегот ги почувствуваа и во регионалното училиште „Круме Волнароски“ во Тополчани. Преку 180 ученици од 12-ина села посетуваат настава со физичко присуство, но денеска за 50-тина од нив наставата се префрли онлајн, од дома.  Јасмина Караниколова рече дека очекува утре сите да стигнат во училишните клупи.

-Поради снегот, не беа чисти и прегледни патиштата, така што учениците од Бонче, Крушевица и од Штавица не беа дојдени, но со насоки од класните раководители од вчерашниот ден, ја следат наставата онлајн. Од 181, денеска имавме присутни 130 ученици, а 51 ученик беа на онлајн-наставата. Истата ситуација е и со учениците од селата Алинци, Загорани и Клепач. Од утре сите ученици ќе ја продолжат наставата со физичко присуство и превозниците се задолжени безбедно да ги превезуваат. За ова го известивме Министерството за образование, рече Караниколова.

Надлежните апелираат за внимателност во сообраќајот поради ниските температури и голомразицата.