Македонија
4. August 2020 - 16:54

Пронајдено телото на удавеното 16 годишно момче во Претор

Пронајдено е телото на 16-годишното момче од Ресен на третиот ден од исчезнувањето во водите на Преспанското Езеро. Денеска нешто пред 14 часот, тимот од осум нуркачи дел од специјалната единица на МВР кои од утрово започнаа со пребарување на теренот, го лоцираа неговото тело.

Од МВР и официјално ја потврдија информацијата. Оттаму велат дека денеска околу 14 часот во водите на Преспанското Езеро нуркачкиот тим од Единицата за специјални задачи при Бирото за јавна безбедност на МВР го пронајдоа безживотното тело на шеснаесет годишното момче од Ресен. По насоки на Јавен обвинител телото ќе биде дадено на обдукција.

Момчето заедно со уште двајца другари на 2 август се возеле на педалинка во близина на плажата во туристичката населба Претор. Според кажувањата на човекот кој прв пристигна до педалинката откако се случи несреќниот настан, двата другари кои останале на педалинката му рекле дека момчето скокнало во водата и повеќе не излегло. Сопственикот на педалинките вчера изјави дека педалинката била во исправна состојба и не се превртела.

Трагичниот настан го отвора прашањето за безбедноста, за задолжителното носење заштитна опрема на пловните објекти. Градоначалникот на Ресен вели дека проблемот и со спасувачките екипи е долгогодишен на плажите на Преспанското Езеро.

-Дополнително како општина веќе од денес надлежните инспектори веќе се на терен и вршат контрола по сите плажи, укажуваат на концесионерите за задолжителна заштитна опрема во пловните објекти во езерото, изјави Живко Гошаревски, градоначалник на Ресен.

Токму затоа според него е потребно општините да имаат повеќе ингеренции над плажите.

-Општина Ресен за жал иако доста време бара, се уште нема ингеренции над плажите на Преспанското Езеро, тоа е проблем не само за Ресен, актуелно беше во Струга, Дојран, Охрид. Гледаме заедно со институциите што побрзо да се реши овој проблем, да се регулираат односте, ние градоначалниците да имаме повеќе ингеренции не само со издавањето и концесиите, туку и заштитата на самите граѓани, вели Гошаревски.

Се планира формирање спасувачко друштво во Општина Ресен, кое не само што ќе има акции за спасување и превенција, туку и ќе се обучуваат луѓе за тоа.