Македонија
17. јуни 2016 - 13:10

Промовирана монографијата за Есма во Кочани

Во присуство на голем број љубители на македонската и ромската песна, почитувачи на делото на Есма и Стево Теодосиевски, на членови од семјството Теодосиевски, синоќа во Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани беше промовирана монографијата посветена на кралицата на ромската песна Есма Реџепова Теодосиевска.

Книгата е во издание на „Македонска литера“ и фондацијата„Кралицата Есма и Стево Теодосиевски“ од Скопје со подршка на Министерството за култура на Република Македонија.

-Монографијата за Есма и нејзиниот животен сопатник Стево Теодосиевски ја промовираме во Кочани, местото од каде што започна музичката кариера на Стево, а со тоа и проказната за Есма и ансамблот Теодосиевски, за што Кочани како град е горд на нивното дело, истакна пред присутните градоначалникот на Кочани Ратко Димитровски.

Пред присутните зборуваше и кралицата на ромската песна Есма Реџепова Теодосиевска која се присети на почетоците на музичката кариера, на врските со Кочани каде што, како што рече, е родена мојата среќа, мојот животен сопатник со кого ја направив и мојата музичка кариера.

Промотор на монографијата беше Кристина Атанасова Арсова, директор на Центарот за култура, а делови од истата читаше Аника Илијеска Горгиева. На присутните им се обрати и авторот Славе Николовски Катин кој истакна дека со промоцијата на монографијата во Кочани е исполнета желбата на Есма таа да биде преставена по Скопје и во Кочани, додавајки дека вакви промоции на оваа монографија ке следуваат и во повеке Европски земји, во Америка и Австралија. 

Ново на Сител