Македонија
20. July 2017 - 15:03

Промовирана книгата „Мојот професор, пророк“ од Вера Стојчевска- Антиќ

Книгата „Мојот професор-пророк“ од проф. д-р Вера Стојчевска-Антиќ, посветена на македонскиот книжевник, писател и публицист Блаже Конески синоќа беше промовирана во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица.

Рецензентот на книгата Ана Витанова Рингачева истакна дека станува збор за сосема ново видување на Блаже Конески кој, како што рече, воскреснува како лик толку нов и присутен.

- И колку повеќе читаме за него, толку повеќе се соочуваме со вистината колку малку знаеме за човекот кој ја задолжи македонистиката векови нанапред, а поезијата ни ја остави како аманет, да не заборавиме од каде тврдоглаво тргнавме и до каде мислиме да стигнеме. Секое ново сведоштво за Конески нам ние ни е бесценето бидејќи во секој нов збор кажан за него, ние откриваме нов атом од неверојатната енергија што тој ја носел во себе. Книгата е во целост посветена на научникот, поетот, човекот со природни и со пророчки дарби и на крајот книга посветена на „Џентлменот/Џинот од Небрегово“, нагласи Витанова Рингачева.

Стиховите на Конески, како што рече, гласно почнаа да се изговараат во моментите кога како народ пропаднавме во бездната на себепронаоѓањето, а неговите стихови звучеа како молитва и надеж за поубаво утре.

- Многу внимателно и со одбрани зборови професорката Антиќ го портретира Конески, како да сака да му возврати за сето негово трпение, посветеност и искреност кон неа, но и воопшто кон македонистиката и неговата голема потреба, поезијата, рече Витанова- Рингачева.

Книгата содржи разговори од кои пред читателот се појавува ликот на Конески со сета своја спонтаност, одмереност, со сите доблести и маани. Меѓу страните на новото дело е потесниот избор од неговата поезија и толкувањето на нејзинините пораки од страна на професорката и на крајот текстовите за и од Блаже Конески.

- Можеме да се согласуваме или да не се согласуваме со неговите гледишта, но никако, ни во сон не смее да заборавиме со што не задолжи Конески. Зборот беше неговата најголема преокупација, зборот негов собеседник, сопатник, негово засолниште, но и остра кама за одбрана од нечестивите, додаде Витанова- Рингачева.