Македонија
23. April 2016 - 11:45

Промовиран прирачник „Тајните на рачната бусола М53“

Во организација на Извидничкиот одред „Димитар Влахов“ синоќа во Велес беше промовиран прирачникот „Тајните на рачната бусола М53“ што го подготви извидникот Бојан Миклош, член на велешкиот извиднички одред и студент на Воената Академија во Скопје.
 
Според Миклош, целта на издавање на прирачникот е да има стручна литература за оваа алатка.
 
- Целта е преку прирачникот за оваа алатка - инструмент што секојдневно го користи Извидничката организација да им помогне  на извидниците да прочитаат и научат преку прикази и графикони како  полесно да се справат со тајните и ракувањето со овој инструмент, кој се користи на терен за ориентација во природа, појаснува Миклош.
 
Прирачникот не е наменет само за извидниците туку за секој кој е љубител на прошетки во природа и му треба познавање за да се снајде на теренот, во  областа на ориентација и топографија.
 
- Овој прирачник иако има извиднички предзнак  и  го носи логото на ИО „Димитар Влахов“ од Велес, освен  извидниците ќе може да го користат  и  припадниците на АРМ и полицијата, членовите на планинарските  друштва и вработените во шумските претпријатија, вели Миклош.
 
Ова е прв ваков прирачник за рачната бусола издаден на македонски јазик. Досега се користела стручна литература на српски и други јазици. ИО „Димитар Влахов“ планира издавање  и на  друга стручна литература на македонски јазик која ќе им биде неопходна за едукација на нивните членови и извидниците во земјава  во секојдневните бројни активности.