Македонија
13. August 2016 - 9:44

Промоција на факултети и компании пред младите кавадарчани

Во организација на Советот на млади на Кавадарци, синоќа во Домот на културата "Иван Мазов-Климе" од овој град, пред младите кавадарчани матуранти беа промовирани факултети и компании. Целта беше тие да се запознаат со можностите за студирање кога деновиве ќе се запишуваат на факултет и за дефицитарните кадри на пазарот на трудот и можностите за вработување.

- Во Кавадарци дефицитарни се профилите на кадри од градежен, електро, електро-технички факултет,  архитектура, потоа се бараат дефектолози и други занимања, рече Благојчо Борисов, раководител на Центарот за вработување од Кавадарци.

Професорот Кирил Барбареев од Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип информираше дека образовната установа и годинава ги отвара вратите за сите заинтересирани. Тој ги спомена позитивните искуства од соработката со компании кои имаат одлична соработка со Универзитетот.

Претставникот на компанијата „Инел-Интернационал" Љупчо Сапунџиев, ја нагласи перманентната отвореност на фирмата за обавување пракса од идните инженери и стручњаци во информатиката и другите сфери. Над 30 студенти досега успешно ја завршиле својата пракса таму.

- Компанијата и понатаму останува отворена за соработка со Универзитетот „Гоце Делчев“ и други универзитети особено во областа која е основа на дејноста, телекомуникациите. Овде последните десетина години е настаната вистинска револуција во напредокот и на технологијата и користењето на ресурсите кои досега биле непознати за најголем дел од граѓаните, нагласи Сапунџиев.