Бизнис
11. November 2019 - 16:46

Производителите на канабис бараат итни законски измени со кои ќе можат да извезуваат цвет

Владата итно да овозможи извоз на сув цвет од канабис бидејќи залихите ќе завршат во отпад, алармираат од Здружението на одгледувачи на медицински канабис. Тие реагираат бидејќи Владата го овозможила овој бизнис со ветување дека ќе следат законски измени за да се дозволи извоз на цветот. Но, наместо да го исполнат ветеното, го повлекле предлог-законот од собраниска процедура. Инвеститорите во овој бизнис, кои се претежно странски, се чувствуваат изманипулирани и разочарани од несериозноста на Владата.

“Значи за да се трансформира во уље некои ќе треба да чекаат и две години, врз основа на капацитетите што ги имаат наши фирми кои што екстрахираат. Значи таа роба не може да чека, таа роба мора да се екстрахира затоа што органски е тоа и цветот не може да чека. Секојдневно ние губиме сè повеќе и повеќе ако чекаме, ако ни стои во магацини и ни стои во залиха”, вели Костадин Дуковски од Здружението на одгледувачи на медицински канабис Макканабис.

Одгледувачите на канабис дадоа рок од 7 дена да се изгласа законот, со што ќе се овозможи извоз на сувиот цвет. Во спротивно ќе излезат на протест, а не ја исклучуваат ниту опцијата да ја тужат државата, бидејќи неможноста за извоз ќе придонесе за затворање на најголемиот дел од компаниите.

Министерот за здравство не го коментираше дадениот рок од одгледувачите на канабис, но вели дека ќе направат сè за да се усвојат законските измени.

“Вистина е тоа дека многу од инвеститрите и компаниите спремаат цвет за извоз и тоа е една од главните причини зошто сакаме да помине оваа измена на законот, заради тоа што тоа ќе значи дополнителна контрибуција во нашиот буџет. Знаете дека еден од предлозите во законот е да се оданочи со процент од 10% на целата извезена количина”, вели Венко Филипче, министер за здравство.

Македонија беше втора држава во Европа која дозволи одгледување на канабис за медицински цели во 2016 година. До денес има триесетина лиценцирани субјекти, што за период од три години вложиле околу 150 милиони евра и вработиле повеќе од 800 лица.