Бизнис
17. July 2016 - 16:23

Проектите продолжуваат: Индустриските зони и „Купи куќа за млади“ можност за решавање на животните прашања

Изградба на повеќе општински индустриски зони и обезбедување на евтини парцели за проектот купи куќа за млади. За ова се разговараше на работниот состанок меѓу градоначалниците и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

-И двете теми се најважните теми за секој граѓанин. Да има сопствен дом и да има сопствено вработување и тоа да му овозможи подобра иднина, можности со кои ќе може да се надева на посреќен, поквалитетен живот на напредок и на формирање семејство кое ќе има можности во животот, истакна Никола Груевски, претседател на ВМРО ДПМНЕ.

Прилеп ќе понуди 1000 нови локации кои ќе се продаваат по почетна цена од само едно евро, а 400 локации се веќе готови и спремни за продажба.

- За најбрзо време ќе имаме околу 1.000 локации, до крајот на годината. Дел од тие се за куќи во градот и дел во населените места во близина на Прилеп, по барање на граѓаните. Инаку населбата Градина веќе е подготвена, таму имаме 400 локации спремни да се продаваат, истакна Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

Паралелно Прилеп развива и три индустриски зони.

 -Индустриската зона Прилеп 1 е распродадена таму се градат 7-8 нови објекти. Очекуваме до крајот на годината уште 3-4 нови објекти да се градат. Капацитетот ќе биде околу 1.500-2.000 нови вработувања. Претежно се инвестиции од домашни компании, тоа е добро бидејќи ги прошируваат своите капацитети или градат нови капацитети. Локалната самоуправа гради инфраструктура, веќе имаме вложено милион евра во изградба на инфраструктура која е при крај, истакна Ристески.

Општината Илинден освен за економија, атрактивна е и за домување, потенцираше градоначалникот Жика Стојанвски и најави проширување на бројот на парцели кои ќе бидат наменети за проектот купи куќа за млади.

- Домувањето дополнително ќе се проширува и се работи со Министерството за транспорт и врски на нова локација од 60 хектари, односно 850 парцели за домување во просек од околу 500 метри квадратни. Втората нова локација за која се врши подготовка е во Ајватовци 6 хектари, односно 150 гардежни парцели, потенцираше Жика Стојановски, градоначалник на Илинден.

Градоначалникот на Велес Славчо Чадиев посочи дека и неговата општина развива неколку индустриски зони.

 -Маркарт купија уште пет хектари површина во продолжение. Сите се продадени парцели во Караслари. Хемамак пестициди е во завршна фаза на неговиот објект, околу 3.500-4.000 квадратни метри изградени по сите стандарди. Другите се во фаза на добивање на одобрение за градба. Зоната Речани 2 е продадена цела, 14 хектари површина продадовме. Едмонт има изградено објект и веќе има започнато пробно производство на лепак за плочки, вели Славчо Чадиев, градоначалник на Велес.

Во Ново Село во фаза на градба се капацитети на две компании кои инвестираат во општината, истакна градоначалникот.

-Досега имаме продадено повеќе парцели исто така на магистралниот пат А4. Тука веќе инвеститорите се во фаза на одобрение за градба. Една компанија е бугарска и се работи за лесна незагадувачка индустрија, а другата парцела е продадена на наша фирма во соработка со кинеска компанија, ќе отвораат фабрика од електронската индустрија, истакна Блажо Велков, градоначалник на Ново Село.

Општината Дојран е особено атрактивна за изградба на куќи. За ова намена достапни се 100 парцели, потенцираше градоначалникот.

- Со Министерството за транспорт разработуваме уште една поголема парцела, околу 50 хектари. Дојран е можеби една од единствените  општини каде разработуваме две поголеми локации за „Купи куќа за млади“, изјави Борче Стамов, градоначалник на Дојран.

Стамов додаде дека освен што има интерес за живеење во Дојран од страна на младите, локациите се атрактивни и за градење на викендици.