Македонија
7. March 2017 - 12:36

Проект за поголема финансиска отчетност и транспарентност

Кредибилни информации за граѓаните  во однос на трошењето и работата на јавните институции и нивна транспарентност треба да понуди проектот „Зајакнување на финансиската отчетност и транспарентност во Македонија“.

Носителите на проектот Фондацијата за демократија на Вестминстер, Центарот за економски анализи и Институтот за комуникациски студии денеска го презентираа првиот од шесте квартални извештај предвидени за оценка на законодавните и регулаторни одредби поврзани со работата на Државниот завод за ревизија на Република Македонија (ДЗР).

Нивните претставници оценија дека за поголем ефект од работата на ДЗР и финансиска отчетност и транспарентност во Македонија е неопходно зајакнување на соработката на оваа институција со Собранието, медиумите и граѓанското општество, како и законски измени. Преку проектот и извештаите во наредните 18 месеци, со поддршка на Британската амбасада, ќе се мери перцепцијата за транспарентност од страна на медиумите, Собранието, Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство, Државната комисија за спречување на корупција, како и резултатите од работата на ДЗР од аспект дали нешто е преземено по наодите од ревизорот во овој Завод.  Ќе се оценува дали пратениците и Собранието се свесни за моќта и улогата на работата што ја има ДЗР.

Британскиот заменик-амбасадор во Македонија Пол Едвардс порача дека независните регулаторни тела се многу значајни за функционалност на демократијата.

- Може да се чини дека е малку ирелевантно да се зборува за ова прашање кога самата основа на парламентарната демократија е доведена во прашање, кога претседателот одбива да и дозволи на коалицијата партии што имаат јасно мнозинство во Парламентот да формираат влада. Но, јас не се согласувам. Ова не е нерелевантно прашање, ова е далеку од тоа да биде второстепено прашање. Работата што се одвива преку овој проект е од суштинско значење за демократијата, рече заменик-амбасадорот Едвардс.

Тој посочи дека ефективен Државен завод за ревизија постапува во име на граѓаните за оние што се на власт да сносат одговорност, има независност да види што можеби некој сакал да остане тајно и да оспорува доколку има потреба, како и способност да ги спроведува своите одлуки преку парични казни или други мерки.

Според Едвардс, потребата за кредибилни информации никогаш не била поважна и позначајна и поради тоа се дава поддршка на Државниот завод за ревизија за поефективна работа.

- Вие вршите многу важна работа независно од протестите и политиките и меѓународните изјави што бараат претседателот Иванов да ја повлече својата одлука да не го додели мандатот. Знам дека по некоја фаза оваа криза ќе заврши,  дека ова го велиме во последните две години, но не заборавајте дека вршиме многу значајна работа и Британската амбасада секако нема да го заборави тоа, рече Едвардс.

Според Марјан Николов од Центарот за економски анализи, за ефект од работата на ДЗР и финансиска отчетност и транспарентност се потребни првенствено политички консензус  и законски измени.

- Како општество треба да донесеме консензус и да престанеме да увезуваме кредибилитет од разни институции од странство за нешто што треба да биде основен фундамент на една парламентарна демократија. Само во тој случај може да бидеме ефикасни како општество и да обезбедиме одржливост. Во спротивно постојано ќе гледаме кон некој од страна не само да ни дијагностицира состојби, туку и да упатува кон нас, а ние да прифаќаме по слободна волја условно речено нешто што не би сакале да прифатиме, рече Николов.

Тој рече дека нема резултат од она што го работи Државниот завод за ревизија бидејќи дека општеството не ги бара и користи капацитетите и она што заводот го произведува. - Потребни се одредени измени и дополнувања на Законот за државната ревизија, во Деловникот на Собранието на РМ и во организациската структура на комисиите во Собранието за да може во овој мал дел да се влијае на зајакнување на транспарентноста и финансиската отчетност на јавните институции, наведе Николов.

ДЗР, како што рече, со законски измени може да добие и извршна функција, како што покажува праксата во други држави. Наведувајќи примери посочи дека во Бугарија Државниот завод за ревизија може да издаде сертификат на политичка партија со којшто таа може да се легитимира пред Државна изборна комисија, а во Словенија главната ревизорска институција да влезе во банка и да ги разгледува трансакциските сметки на правните субјекти без судски налог.

Дамир Незири, програмски менаџер во Фондацијата за демократија на Канцеларијата на Вестмистер во Македонија, рече дека ДЗР успешно истражува и оценува каде се трошат јавните пари, но оти недостасува следење на препораките што ги дава до институциите. - Тие треба да бидат под близок парламентарен надзор, односно во Парламентот се уште не се отвора дискусија за извештаите на ДЗР, рече Незири, посочувајќи оти ваква забелешка е нотирана и во Извештајот на Европската комисија.