Македонија
27. July 2020 - 19:34

Продолжува судскиот процес против Владимир Панчевски, екс претседател на скопскиот Кривичен суд

По речиси 6 часа поминати во судница, поранешниот претседател на Кривичен, Владимир Панчевски обвинет за злоупотреби со АКМИС системот ниту денес, не се изјасни дали го разбира обвинението. Наместо тоа, тој, побара изземање на  судијката која го води предметот но и на целиот велешки суд каде му се суди.

Пред Панчевски,  да побара изземање на судот, исказ дадоа повеќе негови поранешни колеги. Врховниот судија Стојанче Рибарев кој  го наследи Панчевски на функцијата претседател на судот, рече дека неколку судии му се пожалиле дека предметите се делеле на рака а не по електронски пат.

„Судиите Весна Димишкова и Славица Андрeева писмено се пожалија дека податоци за нивната работа извлечени од АКМИС системот не соодветствуваат со реалноста. Повеќемина судии ми укажаа кога дошол на функција дека некои предмети се давале на рака на судии и дека така била претходната пракса.“ - вели Стојанче Рибарев, судија на Врховен суд.

Свој исказ пред судот даде и актуелниот претседател на Скопскиот кривичен суд Иван Џолев.

Панчевски е обвинет дека во 2013-2014 година на рака распределувал предмети на судии за кои сметал дека се подобни да судат случаи најчесто поврзани со организираниот криминал и корупцијата.

Судењето продолжува утре.