Бизнис
25. October 2018 - 21:04

Продолжува слабата реализација на капиталните проекти

На три месеци до крајот на годината не се реализирани ни третина од капиталните инвестиции планирани за годинава. Заклучно со септември, од проектираните 391 милион евра за капитални проекти, потрошени се само 107 милиони евра.

Иако надлежните најавуваа интензивирање на работењето во втората половина од годинава, сепак реализацијата и натаму е далеку под планираното ниво.

Најавениот ребаланс на буџетот ќе влезе во собраниска процедура од понеделник. Со прекројувањето на државната каса, 92 милиони евра од парите наменети за капитални инвестиции ќе се пренаменат. Најголем дел од тие пари, околу 50 милиони евра, државата ќе ги распредели за покривање на долговите на општините.

Министерот за транспорт и врски смета дека вака раздолжените општини ќе бидат попродуктивни. Со тоа и реализацијата на капиталните инвестиции ќе се интензивира во периодот што доаѓа, вклучувајќи ја и следната година.

“Така државата ќе може да помогне на општините, бидејќи согласно основните буџети што ги имаат општините и плус државата, сметаме дека во најголема мера оние елементарни услови за живот, а тоа се водоводи и канализациски системи и локални патишта, во најголема мера во 2019 година ќе бидат завршени. И нискиот процент на инвестиции во изминатиот период, во голема мера во овие година и пол или две, ќе биде зголемен”, изјави Горан Сугарески, министер за транспорт и врски.

И по прераспределбата на буџетските пари, во државната каса ќе преостанат 192 милиони евра за капитални инвестиции, за чија реализација преостануваат уште 2 месеци.