Македонија
16. October 2019 - 9:14

Продолжува палењето на беровската депонија

Поради густиот облак од чад од беровската депонија, веќе неколку дена како што јавуваат жители, ликот на градот е нагрден, а воздухот мириса на чад и изгорено. Од Јавното претпријатие за комунални работи „Услуга“, надлежни за чистење на депонијата, велат дека и овој пат се работи за намерно палење на депонијата.

– Се работи за несовесни граѓани кои од ним познати причини ја палат депонијата и предизвикуваат состојба, најмногу заради чадот кој се шири. Ние како и досега ја следиме состојбата, со ваквите несовесни граѓани и укажуваме дека по откривање на сторителот, против истиот ќе бидат преземени соодветни санкции, велат надлежните.

Во текот на денешниот ден, како што додаваат се очекува депонијата да биде целосно изгасната.

– Во текот на вчерашниот ден до доцна вечерта и денес во утринските часови наши екипи и екипи на Територијалната противпожарна единица од Берово се на терен и работат на целосно гаснење на депонијата. Се работи за стручни лица кои работат на санирање на состојбата и непогодите од ваков вид, додаваат од ЈПКР „Услуга“.

Од претпријатието апелираат граѓаните да се воздржуваат од палење на депонијата бидејки за сторителите кои ќе бидат откриени казните се огромни.