Македонија
3. August 2016 - 15:22

Продолжува градбата на станови за граѓани од социјално ранливи категории

Во неколку градови во земјата во тек е предавање на клучеви за станови на лица од социјално ранливи категории, приматели на социјална парична помош и деца без родители, доделени по електронски пат.

Директорот на Јавното претпријатие за станбен и деловен простор Цветко Грозданов информираше дека во Прилеп, Ресен и Демир Хисар во тек е примопредавањето  или потпишувањето на договорите за станови наменети за овие категории на лица, за коишто Министерството за транспорт и врски го извлече жребувањето.

- Во овие три градови веќе се завршени 119 станови и во тек е примопредавање на клучевите на добитниците, рече Грозданов за време на неодамнешната посета на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на Гостивар, каде во тек е изградбата на објект Тоскалар со 70 станови за лица со социјален ризик и други групи.

Во овие градови направени се и проверки на терен од страна на Комисија од министерствата за труд и социјална политика и за транспорт и врски. 

Грозданов, меѓу другото, го информираше Груевски дека во тек е проектирање на 377 станови коишто ќе бидат изградени во неколку градови во земјата, а се наменети исто така за социјално ранливи категории, приматели на социјална парична помош и деца без родители. Во Скопје ќе се гради во Бутел, каде во тек е добивање на одобрение за фазно градење, а вакви станови ќе се градат исто така и во Свети Николе, Пробиштип, Виница, а се планира и зграда во Струмица. 

Изградбата на овие 377 станови планирано е да биде отпочнато во 2017 година и почетокот на 2018 година. 

Во Гостивар, во Кочани и во Македонски Брод во тек е изградба на нови 123  станови за лица од социјално ранливи категории, кои треба да бидат завршени до крајот на 2017 година. Инвестицијата во зградата во Гостивар ќе чини 213 милиони денари, односно околу 3,5 милиони евра.      

Според Грозданов, се очекува зградата во Гостивар да биде пуштена во употреба порано од планираното бидејќи изградбата е три до четири месеци пред предвидената динамика.  

- Ние се наоѓаме некаде три до четири месеци пред динамиката и се надеваме дека порано ќе биде пуштена во употреба. Во Кочани исто така градбата е десет месеци пред динимиката, а  во Македонски Брод е во рокот, рече Грозданов.  

Во моментов во тек е изградба и на згради со комерцијални станови. Во централното градско подрачје во Скопје планирано е да бидат изградени околу 120 стана. Грозданов потенцираше дека 10 проценти од овие станови ќе бидат наменети за децата без родители, врз основа на одлуката на Владата од пред три години.

- Значи на 100 станови, 10 станови ќе бидат за децата без родители. Онака како што излегуваат од домовите заедно со МТСП и МТСП правиме динамика на сместување за да не останат на товар на државата или на улица, појасни Грозданов. 

Груевски во разговорот истакна дека станува збор за многу значаен проект со кој се обезбедува решавање на станбеното прашање на различни категории на граѓани потенцирајќи дека е задоволен од досегашната реализација на проектот и динамиката на изградба на становите.

Со донесувањето на измените на Законот за домување, истакна Грозданов, првпат со пари од продажбата на становите што ги има претпријатието по различни програми ќе им се плаќа закупнина за живеалишта на лица од социјално ранливи категории. 

- За лицата кои се со ниски примања доколку не успеале да излезат од оваа категорија, Владата се обврзува да им ја плаќа закупнината за становите каде што живеат. Сметаме дека е наша вина, не сме успеале на граѓаните да им помогнеме. Но, за среќа ваквиот број граѓани е многу мал што значи дека сме помогнале на многу граѓани со нашите политики, рече Грозданов, информирајќи го претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски за реализацијата на предвидените програми.