Свет
17. August 2015 - 8:20

Продолжи потрагата по индонезискиот авион

Спасувачки екипи утрово забележаа остатоци, за кои претпоставуваат дека се од патничкиот авион на авиокомапанијата „Тригана ер“, соопшти полицијата, пренесува БТА.

Остатоците се забележани во планинискиот регион Бинтанг, на околу 12 километри од Оксибил, каде требало да слета авионот.

Авионот што вчера се урна во планинскиот регион на Индонезија со 54 луѓе, пренесувал 6,5 милијарди рупии (околу 420.000 евра) за сиромашнитре семејства во провинцијата Папуа, изјави шефот на поштата во Џајапура. 

Тој наведе дека четворица поштенски службеници биле во авионот задолжени за парите.

Потрагата по авионот вчера беше прекината поради мракот, лошите временски услови и намалената видливост.

Авионот „ATR 42“, во кој се наоѓале 54 патници. меѓу кои и пет деца, и членови на екипажот, исчезнал од радарите додека се наоѓал над реон на источната индонезиска провинција Папуа.

Авионот летал од аеродромот „Сентани“ во Џајапура, престолнина на провинцијата Папуа, до јужниот град Оксибил. Летот требал да трае околу 45 минути.