Македонија
9. January 2018 - 13:48

Привремениот лидер на Беса, Неџбедин Каремани, добивал закани по живот

Пратеникот и привремен претседател на движењето Беса, Неџбедин Каремани, денеска информираше дека има сериозни закани по неговиот живот и безбедноста на неговото семејство. 

- Со овој случај е запознаен и министерот Оливер Спасовски, а од сега ќе бидат запознаени и сите дипломатски претставништва во земјата, Амбасадата на САД, Мисијата на ЕУ, ОБСЕ и другите амбасади, рече Каремани.

Прашан кој точно му се заканува, Каремани рече дека за тие лица ја информирал полицијата, како  и дека бараат од него да се повлече од функцијата пратеник.

- Мојата должност на пратеник ја прифатив и веќе сите знаат точно и јасно кој ги добил гласовите за движењето Беса во Тетово. Идниот месец ќе се одржи конгрес и се ќе биде во ред, рече Каремани.

Каремани нагласи дека нема скопско и тетовско крило, туку дека движењето Беса  е едно. 

На седница на Централниот совет, што беше одржана во Скопје, од функцијата беше сменет лидерот Билал Касами и за привремен претседател на партијата до партискиот конгрес закажан за 21 февруари годинава, е назначен најстариот партиски функционер, пратеникот Неџбедин Карамани.