Македонија
26. August 2015 - 13:32

Приведени тројца тетовци за издржување затворски казни

Три лица од Тетовско кои требало да издржуваат затворски казни за разни кривични дела, а за кои имало соодветни  судски наредби, биле приведени во текот на вчерашниот ден и утринава, информираше денеска  портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.   

Според неговите податоци, М.А.(38) од Тетово кој се барал за издржување на вкупна затворска казна од 6 и пол години за „убиство во обид “ и „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“ бил уапсен синоќа околу 20 часот и 30 минути.                                                                 

Вчера попладне со судска наредба била лишена од слобода и Л.А.С. (58) исто така од Тетово  за издржување затворска казна од 2 години и два месеци за „злосторничко здружување“. Двајцата биле предадени за издржување на определените казни во КПУ „Идризово“.

Во последниот случај утринава околу 4 часот и 30 минути во Полициската станица Тетово бил донесен и е задржан Н.П.( 36 ) од Брвеница, кој на граничниот премин Табановце претходно бил лишен од слобода за издржување на казна затвор од 2 години и 6 месеци  за кривично дело „тешка кражба“.  

- Н.П. во текот на денот  ќе биде предаден  за издржување на казната во КПУ „Идризово“, рече Јосифовски.