Македонија
19. February 2017 - 13:19

Притвор за двајца скопски разбојници

Секторот за внатрешни работи Скопје до надлежното Основно јавно обвинителство поднело кривична пријава против скопјаните Ј.Џ. (21) и Г.Т. (26), поради сомнение дека се сторители на шест кривични дела - „разбојништво“ и едно кривично дело - „разбојништво во обид“, при што се стекнале со противправна имотна корист од 393.370 денари, соопшти МВР.

Судија на претходна постапка на Ј.Џ. и Г.Т.  им одредил мерка притвор во траење од по 30 дена.

Кривичните дела, како што информираат од полицијата, пријавените ги извршиле во текот на 12-ти и 13-ти овој месец, како и едно кривично дело извршено на 15-ти овој месец, при што се стекнале со вкупна противправна имотна корист од 393.370 денари.

Првото разбојништво Ј.Џ. и Г.Т. го извршиле на 12 февруари околу 17:30 часот во колонијална продавница „АРСО ДООЕЛ“ на улица „Самоилова“ каде што со закана со пиштол врз вработената Б.П. зеле 13.700 денари од касата, по што излегле и се упатиле во непознат правец. Потоа истиот ден околу 21 часот пријавените извршиле разбојништво врз таксистот  Х.Ј. при што се стекнале со противправна имотна корист од 5.000 денари.

Имено, откако на бул. „Кузман Јосифовски Питу“ (спроти Веро-центарот) се качиле во такси-возилото на оштетениот, се упатиле на ул „Менделеева“. Таму првопријавениот извадил пиштол и го вперил кон оштетениот и со закана по неговиот живот му побарал пари. Иако оштетениот се спротивставил, првопријавениот Ј.Џ. испукал еден куршум во воздух по што Х.Ј. им дал 5.000 денари.

Еден час подоцна, околу 22 часот, Ј.Џ. и Г.Т. на ул „Цветан Димов“ извршиле разбојништво врз У.М., но не се стекнале со имотна корист. Разбојништвото во обид го извршиле на тој начин што ја пресретнале оштетената пред нејзината зграда, пришто Ј.Џ. извадил пиштол го вперил кон неа, ја внеле во влезот од зградата брајќи и пари, додека Г.Т. почнал да ја претресува. Оштетената гласно им се обратила по што почнале да излегуваат соседи од зградата, а Ј.Џ. и Г.Т. веднаш го напуштиле местото на настанот.

Истиот ден околу 22:45 часот на ул. „11 Октомври“, кај зградата на Црвениот крст на РМ, пријавените извршиле разбојништво врз такси возачот А.Ч. Тие го стопирале такси-возилото и откако се качиле (првопријавениот седнал на совозачкото седиште, а второпријавениот одзади), повторно се упатиле кон улица „Менделеева“. Ј.Џ. го извадил пиштолот и го вперил кон оштетениот барајќи пари. Откако оштетениот се побунил, Ј.Џ. излегол од возилото испукал еден куршум во воздух по што такси-возачот им дал 1.500 денари. Притоа Г.Т. од оштетениот одзел и два мобилни телефона „самсунг“ и „алкател“ и се упатиле во непознат правец.

Наредниот ден (13 февруари) околу 11 часот Ј.Џ. и Г.Т. извршиле разбојништво во обложувалницата „Златна копачка“ на ул. „Никола Карев“. Додека Г.Т. застанал на шалтерот за уплата, Ј.Џ. го извадил пиштолот и го вперил кон вработената Т.Д. заканувајќи и се по животот доколку не им ги предаде сите пари од касата. Врабтената им ги предала 170.000 денари колку што имало во касата и Ј.Џ. го напуштил местото заедно со Г.Т. кој се преправал дека наводно го брка извршителот.

Вечерта околу 21:30 часот Ј.Џ. и Г.Т. извршиле разбојништво во спортска обложувалница на „Спорт лајф“ на ул. „Тале Христов“. Разбојништвото го извршиле на идентичен начин како и во претходната обложувалница при што од вработениот Н.К. одзеле 54.323 денари и на идентичен начин го напуштиле местото на настанот.

Последното разбојништво Ј.Џ. и Г.Т. го извршиле три дена подоцна,  (15 февруари) околу 20:40 часот во спортска обложувалница „Спорт лајф“  на ул. „Битпазарска“ во Старата чаршија, и на начин сосема идентичен на претходните две разбојништва во обложувалници. Во овој случај тие од вработениот Е.Н. успеале да одземат 120.820 денари.

Според досегашните документирани сознанија, оштетените ги препознале извршителите, а обезбедени се и ЦД-еа од безбедносните камери во објектите каде што осомничените ги извршиле кривичните дела. Одземените пари Ј.Џ. и Г.Т. ги потрошиле за свои потреби, а со наредба на судија на претходна постапка извршени се претреси во домовите на двајцата осомничени при што обезбедени се дополнителни доказни материјали (облека, пиштол марка ЕКОЛ СПЕЦИЈАЛ 9мм), се наведува во соопштението од МВР.