Македонија
26. October 2016 - 19:03

Пристигнаа вакцините против сезонски грип - Инунизацијата почнува од утре

Со 5000 дози на располагање, утре во скопскиот центар за јавно здравје почнува вакцинацијата против сезонски грип. Во останатите градови ќе стартува во петок. И годинава државата набави околу 27000 вакцини од холандски производител.  Штити од три типа на вирусот.

Изминатиот период постојано на телефоните во центрите звонеле од заинтересирани граѓани кои прашувале кога ќе почне имунизацијата која доцни веќе две недели. Тие досега беа навикнати на фиксен термин -15 октомври.  Епидемиолозите вакцината ја препорачуваат на хронично болни, постари од 65 години, здравствени работници и сите оние кои на работните места имаат контакт со многу лица. Во ризичните групи се и трудниците, но минатата сезона ниту една бремена жена не примила вакцина. Доцнењето на вакцинацијата според епидемиолозите нема да влијае на создавањето на имунитет против вирусот, бидејќи пикот го очекуваат во јануари и февруари. Во меѓувреме сезоната со болни почна. Во Институтот за јавно здравје веќе регистрирале педесетина заболени со симптоми на грип. Според нивната евиденција овој број е за 30 проценти поголем од истиот период лани. Грип пријавиле центрите од 6 градови а најмногу заболени има во Тетово. Досега лабораториски се уште не е потврдено кој тип на вирусот циркулира во земјата.