Македонија
11. July 2019 - 12:57

Прилепското обвинителство чека снимки и извештај од вештачењето за рачната бомба

Прилепското Основно јавно обвинителство ќе чека полицијата да им достави снимки од камери и да го добие извештајот од крим-техничкото вештачење од рачната бомба што вчера беше пронајдена до летната бавча на кафулето „Кафе ин“ во строгиот центар на Прилеп.

Како што информираа од обвинителството, веднаш биле издадени налози за полицијата да ги прибави снимките од околните камери, а налогот за вештачењето за каков тип експлозивна направа станува збор е со  назнаката „под итно“. Од обвинителството потврдуваат дека станува збор за вистинска, а не лажна експлозивна, неексплодирана направа – рачна бомба, но вештачењето треба да покаже за каков вид станува збор.

Рачната бомба под една столица ја пронашле вработените, а во полицијата пријавил сопственикот на кафе-барот „Кафе ин“ вчера во 12.10 часот. Потоа полицијата ја обезбеди околината. Пред 15 часот Единицата за антитероризам од Скопје ја демонтираше и ја отстрани рачната бомба.

Прилепчани кои беа вознемирени се уште го коментираат случајот со најразлични шпекулации во исчекување на официјални информации од надлежните институции.