Македонија
21. April 2020 - 16:48

Прилепчани, тетовчани и кумановчани од утре со задолжително покриени уста, нос и со ракавици

Од утре во Прилеп, Куманово и Тетово започнува задолжителното носење на маски од страна на граѓаните кои сакаат да се движат надвор од својот дом, на отворен простор, по банки, маркети и други институции. За неносењето маски или марами се предвидуваат парични казни, а полицијата да може да ги фотографира граѓаните кои ги прекршуваат овие мерки. Прво ќе има опомени, а потоа ќе стартуваат и казните. Граѓаните на Прилеп се согласуваат со ова.

„Се разбира дека треба и мора да има казни, не треба да се простува“, вели една граѓанка.

„Треба да има такви мерки, бидејќи овој народ не почитува ништо. Прво опомена, а после казна“, вели друг прилепчанец.

„Би требало да се почитуваат мерките и треба да иима вакви ригорозни казни“, додава друга прилепчнка.

„Да не биди сега толку ригорозна казната, не можи сега толку да го казниш некој, кај животот е цело време во трка сега. Ќе заборавиш, еве сега јас ја заборавив маската во кола“, рече еден прилепчанец.

„Јас мислам дека не се во ред овие маски, бидејќи јас велам дека корона вирус нема, се е лага“, кажа една граѓанка. 

Денеска во Општина Прилеп се одржа седница на Кризниот штаб кој им порепорачува на граѓаните да излегуваат само кога имаат неодложна потреба за тоа и да се определи едно лице од семејството кое ќе пазари намирници и лекови. Општина Прилеп и деновиве ќе продолжела со делење на бесплатни маски.

„Од секое семејствво треба да пазари по едно лице. Кога ќе ги дознаеме тие граѓани на домашна адреса ќе им се достават по 7-8 до 10 маски, за наредните 7-8 дена затоа што тие маски се за една употреба“, изјави Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.

Инаку денеска во Прилеп имаше редици пред банките од страна на тутунарите кои ги земаа своите субвенции. Најголем дел од граѓаните носеа маски и стоеја на одредена раздалеченост. Најголем дел од тутунарите велат дека и годинава ќе продолжат со садењето на тутунот.

„Пак исто, мора да садиме, лани 26 декари, и годинава толку“, вели еден тутунар.

„За новата реколта треба да насадиме околу 18 декари, и лани беа толку и годинава пак“, рече друг тутунар.

„Па ќе продолжиме да садиме, друга работа немаме“, додаде трет тутунар.